Дедо Мраз „слезе“ во компаниите – за вработените К-15, за децата новогодишно пакетче
Освен подароците од родителите и од бабите и дедовците, и македонските компании одвојуваат солидни суми за децата на своите вработени за новогодишни пакетчиња. Цените на пакетчињата зависат не само од нивната големина, туку и од квалитетот на производите што ги содржат
И газдите изигруваат Дедо Мраз, па секоја година издвојуваат солидни суми за новогодишни пакетчиња за децата на нивните вработени. Работодавачите ја прифатија оваа традиција на дарување, која во добростоечките компании се прави паралелно со високите износи за К15 или божиќниот бонус. Некаде се организираат и цели фешти со ангажирање на актери кои го глумат „дедото во црвена облека“. Нарачките за пакетчиња се прават уште од крајот на ноември и во текот на декември, а нивните цени зависат не само од брендот, туку и од содржината и квалитетот на спакуваните производи.
Препорачано
Во домашните специјализирани продавници за „Слободен печат“ велат дека имаат различна понуда и за сечиј џеб. Во зависност од буџетите, се даруваат и пакети со книги, боенки и детски играчки, а некои компании земаат и до 100 новогодишни пакетчиња. Цените на пакетите во просек се движат од 600 до 1.900 денари, а тежината на пакетчињата е од 500 грама до 2,4 килограми. Новогодишни пакетчиња нудат и продавниците за играчки, кои содржат претежно играчки и по некоја грицка, а нивните цени се од 1.400 до над 2.500 денари.
Иако новогодишните пакетчиња не можат да се третираат како карактеристично давање со репрезентативно-рекламен карактер, сепак се смета дека таквите подароци се во функција на добриот имиџ на фирмата, па оттука и практично новогодишните пакетчиња се репрезентација, без пресметан персонален данок на доход. Бидејќи, децата на кои им се наменети, не се лица вработени во компанијата, оставен е простор овие подароци да не се сметаат за лични примања од работен однос, туку како трошоци за репрезентација.
Од консултантските куќи, појаснуваат дека новогодишните пакетчиња за децата на вработените, од аспект на Законот за ДДВ, можат да се третираат како и репрезентативните подарувања како земање за лични потреби, односно давања без надоместок.
– Но деловните субјекти што набавуваат пакетчиња за децата на своите вработени, немаат обврска да плаќаат ДДВ, затоа што не го одбиваат ни данокот од нивната набавка. Имено, засметаниот ДДВ од добавувачот, не се одбива поради намената на набавката што не е во функција на деловните цели на обврзникот (член 34 од Законот за ДДВ) – објаснуваат консултантите.
Според законот, доколку пакетчињата се формираат од сопствени производи или стока, даночните обврзници се должни за нив да пресметаат ДДВ на цената на чинењето на производите. На пример, ако се работи за кондиторски производи, бонбони, чоколади, производи од шеќер и други, се пресметува и се плаќа данок по повластената стапка од 5 отсто. Ако, пак, станува збор за играчки, балони, украси, машнички, кеси, се плаќа ДДВ по стапка од 18 отсто.
Сепак, сметководителите предупредуваат дека исходот во даночните контроли е неизвесен, затоа што давањето на овие новогодишни пакетчиња може да се сметаат како индивидуални примања на подароци на вработените родители и во тој случај новогодишните пакетчиња се оданочуваат со стапка од 11,11 отсто на нивната вредност.
– Ако подарувањата за клиентите и за коминтентите на компаниите може да се третираат како репрезентација, зошто таков третман да немаат и потрошените средства за децата на вработените – сугерираат консултантите.


