„Дедо и Внук“ на Илија Пиперкоски прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон
По шест вредни награди на познати фестивали шурум светот, играниот филм „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперкоски е прогласен за најдобар странски филм на престижниот Independent Film Awards во Лондон.
Лондонскиот независен филмски фестивал е британски филмски фестивал што се одржува секоја година во април. Со преку 1 000 пријавувања на филмови од повеќе од 50 земји, станува збор за еден од најреномираните фестивали на сцената. Се доделуваат признанија на филмови и сценарија од над 70 земји од целиот свет во над 20 категории, вклучувајќи играни и кратки филмови, документарци, студентски филмови, анимации, телевизиски реклами, музички видеа и натпревар за сценаристи.
Претходно „Дедо и Внук“ ја освои наградата за најдобра режија на The Buddha International Film Festival, наградата за „Најдобар филм“ на Интернационалниот Филмски Фестивал во Париз, а доби и две признанија за извонреден придонес во светот на филмот (Outstanding contribution to the world of Cinema) од 4-th Dimension Independent Film Festival и уште една награда на TIFF -Tagore International Film Festival во категоријата играни филмови. Досега две награди за фотографија освои и Директорот на фотографија, Патру Паунеску.
Режисерот Пиперкоски, кој го напиша и сценариото за филмот, раскажува прекрасна приказна, со која сите гледачи ќе можат длабоко да се идентификуваат – проблемите со здравството, политиката, корупцијата, но и обичните човечки приказни и односи момче-девојка, татко-син и дедо-внук.
Во филмот играат: Салаетин Билал, Дејан Лилиќ, Даниела Ивановска, Горан Стојаноски, Благој Веселинов и други актери. Продуцент е Огнен Антов од „Дрим фактори“, во соработка со: „Пандорас бокс продукција“ и „Елиен филм“ од Романија, и е финансиски помогнат од Агенцијата за филм на РСМ. Директор на фотографија е романецот Патру Паунеску, сценографијата е на Владимир Зафирковски, костимограф е Жаклина Крстевска, композитор Оливер Тевчев, а монтажата ја направи Данчо Стефков.