Даваат по 2.000 евра за метар квадратен и око не им трепнува – лудилото за инвестирање во станови, ги полуде цените

Фото: архива

Јас не можам да го разберам ова лудило да се инвестира во станови со вакви цени. Трошоците за градење не се соодветни со цените на становите, вели Никола Велковски, сопственик на „Инком инженеринг“, кој долги години е во градежништвото

За 65 квадратни метри станбен простор – 98.500 евра во Аеродром, 82.000 евра за 64 квадрати во Козле, 184.000 евра за 99 квадрати во Црниче, 47 квадрати во Центар за 85.000 евра, 83 квадрати во Ново Лисиче за 104.000 евра – се само дел од огласите што може да се најдат во објавите на агенциите за недвижности и на онлајн огласниците.
Агенциите за недвижности со различни ставови, некои велат дека интересот за купување станови не запира, а други дека луѓето прашуваат, но малку купуваат. Од градежната фела, пак, добивме искрен одговор дека цените не се реални, не се резултат на влезните трошоци, туку дека се резултат на „лудилото да се инвестира во стан“.

Во Агенцијата за недвижности „Прима каза“ велат дека и покрај високите цени, продажбата на станови не е замрена.

– Не ни оди продавањето сјајно, но сепак е добро со оглед на условите. Купувањето станови не е замрено и не е онака како што велат луѓето: „Кој купува станови?“ Растот на цените би требало да запре, но не верувам дека ќе има некакво намалување, особено ако се земат предвид и најавите дека ќе се зголеми ДДВ од 5 на 10 проценти – велат од „Прима каза“.

Оттаму појаснуваат дека најголем интерес има за станови во Центар, во Аеродром, во Карпош. Во Центар продаваат стари станови по 1.800 и по 1.900 евра за квадратен метар, а во Аеродром се со понова градба, а цената е 1.400 до 1.500 евра за квадратен метар.

Во „Импулс“, пак, се жалат за продажбата на станови.

– Интерес за купување има, пари нема. Многумина реагираат на цените и се откажуваат од купувањето – велат од „Импулс“.

Сепак, градежниците велат дека на терен е вистинска битка за да се купи добра локација за градење зграда.

– За една поатрактивна локација се јавуваат 10 инвеститори. Така, инвеститорите се наддаваат со цени, а сопствениците на парцелите ги продаваат сè поскапо. Сега веќе е нормално да добијат и 35 отсто од нето изградениот простор. Порано тоа беше 25, 26 или 27 проценти, а сега веќе е 30 до 35 проценти – вели Никола Велковски, сопственик на „Инком инженеринг“, кој долги години е во градежништвото.

Новите станови во Центар се и по 2.300 евра за квадратен метар, во Аеродром по 1.400 – 1.800 евра, во Кисела Вода по 1.400 евра, а „поевтино“ може да се најде во Бардовци каде што во една нова зграда становите се по 1.159 евра за квадратен метар. Велковски вели дека во моментов има хиперпродукција на станови, 70.000 до 80.000 се празни, но дека и понатаму има интерес за купување.

– Јас не можам да го разберам ова лудило да се инвестира во станови со вакви цени. Трошоците за градење не се соодветни со цените на становите. Растот на цените на материјалите се потсмири, сега има проблем со работна рака, а фирмите се натпреваруваат да платат поголема саатнина. Како што реков, ригорозно се зголеми и цената на локациите, но сепак цените на квадратен метар станбена површина се несоодветни. Инвеститорите, или трговците со станови, јас не ги нарекувам градежници, нема сила што ќе ги натера да ја вратат цената во нормала – вели Велковски.

Тоа вели дека цената сепак е резултат на пазарните движења, на понудата и на побарувачката.

– Слушам дека паркинг-место се продава за 20.000 евра. Па јас не верувам дека на Менхетен е толку! – зајадливо коментира Велковски.

Дека интересот за градење нови станови не запира, покажуваат и последните податоци од Државниот завод за статистика. Во август е предвидена градба на 943 стана со вкупна корисна површина од 66.791 квадратни метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот