Датумот нема да дојде пред новата влада

Македонија и ЕУ/ Фото: Слободен печат/ Архива

Речиси е невозможно ЕУ да донесе одлука за преговори пред да види каква политиката ќе води земјата откако ќе добие нова влада. За Македонија е најважно дали ќе има или не нови задолжителни услови од ЕУ за добивањето на датумот и што ќе биде пресудно за тоа.

Новата методологија за проширување на ЕУ веќе е напишана и, според извори од Брисел, можно е да биде објавена веќе идната недела, а најдоцна до 29 јануари. Но, што содржи таа, дали ќе ја отвори или подзатвори можноста за членство, колку надвладеа француската кочница, а колку таа попушти пред притисокот на другите земји што ги поддржуваат преговорите за Македонија и за Албанија, како и дали таа ќе важи и за Србија и Црна Гора, засега се држи во строга тајност во ЕУ. И веќе необјавена, оваа мисија на ЕК го доби епитетот „невозможна“, бидејќи новата Комисија за два месеца треба да најде решение за проширувањето што ќе ги задоволи земјите што се противат на него и тие што го туркаат, но од различни мотиви.

Иако прашањето за нашиот датум за преговори се издигна високо на агендата на Унијата, иако еврокомесарот Оливер Вархељ веднаш дојде во посета на нашата држава, а најави и европска помош од 50 милиони евра и забрзана динамика, сè уште не е јасно дали Македонија ќе добие датум за преговори и кога.

За одлуката ќе пресудат изборите

Дека сепак се подготвува сериозен процес, потврдува тоа што во моментов германски и француски експерти за проширувањето, заедно со советникот на францускиот претседател Емануел Макрон за надворешна политика, со денови заеднички се подготвуваат да го имплементираат тоа што ќе се договори во Брисел на состанок во Германија.

За Македонија е најважно дали ќе има или не нови задолжителни услови од ЕУ за добивањето на датумот и што ќе биде пресудно за тоа. Научени дека оптимизмот од Брисел не секогаш дава резултат, сега повнимателно се читаат изјавите од еврофункционерите. Иако целото внимание е фокусирано на законот за јавното обвинителство како услов за позитивна одлука за Македонија, за одлуката ќе пресудат најмногу изборите, бидејќи е малку веројатно дека Европскиот совет ќе донесе одлука за почеток на преговори со некоја земја – за која не знае каква политика ќе води откако ќе добие нова влада. Во практиката на ЕУ такви одлуки се реткост. Затоа, споменувањето на изборите од страна на еврокомесарот Вархељ и од амбасадорот на Франција Кристијан Тимоние е сигнал дека едно е одлуката за методологијата на ЕУ, а друго одлуката дали да почнат преговорите со Македонија и кога. Методологија забрзано се подготвува, но од Македонија треба да стигне сигурна порака дека тоа што го бара Брисел ќе стигне, без оглед дали изборите ќе ги добие СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ и дека без оглед што им оди во прилог на рејтинзите, за тие прашања ќе се постигне национален консензус.

Ветувачки средби и изјави

Ова ја прави тешка позицијата пред сè на ВМРО-ДПМНЕ, која со месеци води кампања на оспорувањето на Преспанскиот договор и обвинува за корупција, а не го поддржува законот за јавно обвинителство. Како соговорник од меѓународна страна Македонија сега има еврокомесар од Унгарија, која самата има интерес да се покаже како успешна на оваа функција. Затоа оптимизмот на еврокомесарот Вархељ ги надминува реалните состојби во ЕУ и очекувањата од новата методологија за проширување.

Средбите на претседавачот Андреј Пленковиќ и на еврокомесарот Вархељ со францускиот претседател Емануел Макрон деновиве, изјавата на хрватскиот премиер дека членството во ЕУ треба да биде ултимативна цел за преговорите, изјавите на еврокомесарката Урсула вон дер Лајен дека на Западниот Балкан треба да му се испрати јасен сигнал, и на еврокомесарот Вархељ дека новата методологија за проширување треба да обезбеди посигурна, попредвидлива перспектива како и пополитичка и пообјективна одлука, зборуваат дека нема да има бланко-одлуки за почеток на преговори. Сега ЕУ е таа што е во дефанзива и што треба да докажува колку е сериозна, но ако не се исполнат условите или пак се прошират, ние ќе бидеме пак тие што ќе молиме за одлука во Брисел, бидејќи ретко се случува ЕУ да е олку посрамена и мобилизирана.

Вархељ да каже кој ги кочи реформите

Во Македонија се повеќе расте уверувањето дека ЕУ треба да „испорача“ итен почеток на преговори со Македонија, а не да инсистира на брза имплементација на реформи и закони.

– Македонија си ја плати „фактурата“! Сега чекаме испорака на „услугата“!

Имаме време за имплементација. Тоа ќе биде паралелен процес со имплементација на европските стандарди во земјава и нашата интеграција во ЕУ – вели Петар Богојески, поранешен реформист во ВМРО-ДПМНЕ и еден од иницијаторите на политичкото движење „Македонски концепт“.

Тој бара еврокомесарот отворено да посочи кој тоа го спречува донесувањето на законот за јавно обвинителство, а не да користи општи формулации.

– Ние сме земја кандидат на ЕУ, ние сме пријатели со еврокомесарот, па нека посочи директни виновници, за да знаат граѓаните на Македонија кому да му ја дадат довербата на следниве избори – вели Богојески.

Додавањето нови услови – непристојно

За Андреја Стојковски, аналитичар од Центарот за европски стратегии „Евротинк“ и поранешен советник во Владата, непристојно е од ЕУ да ни додава нови услови, зашто последните извештаи беа едногласни дека државата ги исполнила сите услови за отворање на преговорите.

– Впрочем, во текот на преговорите се случуваат најобемните реформски процеси. Оттаму, во најмала рака е непристојно да се додаваат нови услови сега. Како што го разбрав комесарот Вархељ, усвојувањето на законот за Јавното обвинителство ќе биде само дополнителен пример за тоа дека Северна Македонија е подготвена да испорача и сериозни реформски зафати – вели Стојковски.

Според него, мали се изгледите дека овој собраниски состав ќе го усвои овој закон.

– Некои од учесниците во дијалогот застапуваат интереси што се целосно спротивни на темелните вредности на ЕУ и на владеењето на правото. Оттука за очекување е дека усвојувањето на законот за Јавното обвинителство ќе биде многу тешко, да не речам невозможно, а ова е вонредна можност да покажеме дека сме подготвени да испорачаме сериозни реформски зафати и дека сите политички сили, обединети сега во техничката Влада, ќе испорачаат отворање на пристапните преговори – вели Стојковски.

Брисел не може ништо да вети

Поранешниот министер и амбасадор во САД Васко Наумовски смета дека се уште не извесно дека преговорите ќе почнат годинава.

– Иако постоеше обид недобивањето на датумот да се претстави како последица на исклучиво внатрешни состојби во Унијата, со наведување на законот за Јавно обвинителство како „бенчмарк“ се потврдува дека, покрај тоа, датумот не беше одреден и поради недостаток на резултати кај нас – вели Наумовски.

Тој не верува дека законот за ЈО лесно ќе се донесе, затоа што во пресрет на изборите партиите не се спремни за отстапки, и покрај укажувањата од Брисел.

– Новиот комесар се обиде да внесе оптимизам во процесот, но тој сепак, како претставник на Европската комисија, не е во позиција да гарантира почеток на преговорите. Ние никогаш не сме имале проблем со Комисијата, туку со државите членки, коишто ја носат одлуката во рамките на Советот. Најавите дека на Самитот во Загреб ќе добиеме некаква временска рамка за почеток на преговорите, значи дека е неизвесно дали самиот почеток на преговорите ќе се случи оваа година – вели Наумовски.

Еден закон ли е проблем!

Додека Европејците не се договорат што навистина сакаат и додека не се задоволат сите барања (вклучително и хирови) на францускиот претседател Макрон, нема што да се надеваме дека нешто различно ќе се одлучи пролетва за нас (сеедно дали во март, мај или во јуни). Затоа, лицитирањето со некакви нови услови за Македонија (како, на пример, Законот за обвинителството, споменат од Вархељ), изгледа како фрлање коска на глутница гладни кучиња, да се занимаваат додека карванот си врви – вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Сепак, смета Кржаловски, нема никакво оправдување зошто досега не е донесен законот за обвинителство.

– Зошто ништо не се правеше од септември, кога исто така се правеше фама дека овој закон е „клучен услов“ за да се добие датум? И откако тоа помина – три месеци никој ништо не помрдна на таа тема, ниту власта, ниту опозицијата! А ако сме можеле да го решиме долгогодишниот проблем со Грција и да го нарекуваме „историски“, тогаш еден закон за ЈО ли е некаков проблем – се чуди Кржаловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот