„Даре Џамбаз“ ги скара планинарите, стравуваат дека објектот ќе се претвори во ресторан

Федерацијата на планинарските спортови на Северна Македонија распиша постапка за доделување на  планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ на Водно под закуп. Станува збор за најпосетуваниот планинарски дом во околината на Скопје, каде што професионалните планинари и рекреативците од градот и од околината, по напорното искачување, имаат можност да се одморат и да се освежат, а потоа со нови сили да продолжат со истражување на Водно.

Ова место е дотолку поатрактивно што скопјани живеат во еден од најзагадените градови во светот, па секој слободен миг го користат да се искачат на Водно и таму да уживаат во чистиот планински воздух и прекрасната природа. Токму за време на викендите, овој планинарски дом е многу посетуван.

Сѐ досега, веќе шест децении наназад, овој планинарски дом го одржува и со него раководи ПСК „Бистра“. Тие им овозможуваат на сите добронамерници да се одморат во домот по напорниот пат и да се напијат пијалак по симболична цена. Местото нуди можност и за пресоблекување и за преспивање.

Но сега, закупецот најверојатно ќе биде променет и наместо ПСК „Бистра“, домот под закуп ќе го добие ПСК “Х2О“.

Инаку, како што информираат од ФПСМ, постапката за доделување на планинарскиот дом под закуп е распишана бидејќи договорот за закуп со Друштвото за угостителство, трговија, производство и услуги „Врв Водно“ ДООЕЛ Скопје, основано од ПСК „Бистра“ Скопје, истекол на 29.8.2020 година.

На овој оглас можеле да учествуваат со свои понуди сите планинарски клубови од Македонија, кои се регистрирани членки на ФПСМ.

– Исто така, можеше да учествува како што и учествуваше со своја понуда и ПСК „Бистра“ Скопје.На оваа постапка најповолна понуда беше дадена од ПСК „Х2О“ Скопје. Понудата на досегашниот корисник на домот, беше второпласирана – велат оттаму.

Понудувачот, според огласот, со понудата требало да достави и проект, со кој се обврзува во рок од две години од потпишувањето на договорот, сукцесивно да изврши санација, реконструкција, адаптација и ревитализација на планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ според условите и потребите на објектот.

– Изведените инвестициски работи остануваат како трајна вредност во планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ – Скопје и сопственост на закуподавачот. Понудата, според огласот требаше да содржи понудена месечна закупнина и вкупна вредност на инвестиција за првите две години и проект за санација, адаптација и ревитализација на објектот. Како Критериуми за избор на најповолна понуда беа утврдени висина на понудената месечна закупнина и висина на вложени инвестиции за првите две години – објаснуваат од ФПСМ, од каде што потенцираат и дека во моментов тече постапката за жалба на незадоволните понудувачи.

Токму ваквата одлука ја разбранува јавноста, па сѐ погласни се коментарите и стравувањата на планинарите и на сите вљубеници во природата дека токму промената на закупецот на еден од најстарите и најпосетувани планинарски домови „Даре Џамбаз“, може комплетно да го смени начинот на негово работење.

Планинарите стравуваат дека со ова наголемо се отвора можноста планинарскиот дом да се претвори во комерцијален објект, како што е хотел или ресторан. Тие стравуваат дека, доколку навистина се случи тоа, духот на домот комплетно ќе се уништи и тој ќе стане недостапен за планинарите со „плиток џеб“, кои откако ќе се искачат на Водно и тоа при секакви временски услови, нема да имаат каде да се пресоблечат, да се одморат, но и да се стоплат со топло чајче купено по симболична цена, како што тоа е случај во изминатите години.

Коле Мајнов од ПСК „Бистра“ вели дека буквално се затечени од целата оваа состојба и објаснува дека и кај нив постои сомнеж дека поради промената на закупецот, планинарскиот дом ќе се претвори во хотел или ресторан.

– Ние досега ниту еднаш не сме добиле каква било забелешка од федерацијата за нашето работење. Во изминативе години „Бистра“ плаќаше кирија на Федерацијата за да го користи домот, а инвестиравме и 50.000 евра лични средства – тврди тој.

Според Мајнов, тие сѐ уште немаат добиено официјална потврда на тоа дека повеќе нема да раководат со објектот и дека на нивно место ќе дојде ПСК „Х2О“. Но, доколку навистина дојде до промена на закупецот, тој е дециден дека ќе ги искористат сите правни средства за да ја оспорат ваквата одлука и домот да остане планинарски дом, а не како што стравуваат дека ќе се претвори или во ресторан или хотел. Тој вели дека нема ништо против другите планинарски друштва што конкурирале на огласот, но стравуваат од нелојална конкуренција.

– Ние ќе се бориме докрај за зачувување на домот. Тој треба да им служи на планинарите и на рекреативците и да остане место за одмор, а не да стане хотел или ресторан. Тоа нема да го дозволиме. Ако е потребно, ќе излеземе и на улица и ќе организираме протести – дециден е Мајнов.

Од ПСК „Х2О“ Скопје чија понуда била избрана за најповолна, велат дека до нив сѐ уште не пристигнала ниту писмена ниту уснена потврда дека тие ќе го добијат под закуп планинарскиот дом.

Од ФПСМ, пак, околу тврдењата дека домот ќе стане ресторан што ќе биде тешко достапен за сите што се искачуваат на Водно, се децидни и тврдат дека во никој случај тоа нема да се дозволи.

– Според огласот, сите понудувачи во својата понуда имаат потврдено дека ќе го зачуваат планинарскиот дух на овој планинарски дом. Објектот „Даре Џамбаз“ на врвот на Водно и понатаму ќе биде планинарски, а не хотел, кафеана, ресторан…Домот и понатаму ќе биде сврталиште за сите планинари и рекреативци што го посетуваат врв Водно и ќе биде место каде што за пристојни пари може да се купи чај, сок и други безалкохолни пијалаци, или едноставно да се одморат и да се пресоблечат во постојните, но реновирани соблекувални. Тој нема да се претвори во комерцијален угостителски објект, во кој нема пристап за планинарите и рекреативците што се редовни гости на врвот на Водно – велат од федерацијата.

Планинарскиот дом „Даре Џамбаз“ почнал да го гради Планинарскиот сојуз на Македонија во далечната 1950 година. Предаден бил во употреба во 1952 година  и е сопственост на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија врз основа на правосилна пресуда на Општинскиот суд Скопје 1. Домот е изграден во 1955 година. Во самата пресуда е утврдено дека со Планинарскиот дом од 1963 година до денес управува Планинарското друштво „Бистра“ Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот