Даравелски ќе помине само една ноќ во затвор, казната му застарела?

Фото: ТВ Сител/принтскрин

Поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, кој денеска беше уапсен на граничниот премин Табановце, веројатно ќе помине само една ноќ во затворот „Идризово“, бидејќи му застарило извршувањето на казната, објави „Фокус“.

Даравелски е осуден на седум години затвор за милионски злоупотреби во времето кога беше директор на Царината, од 1999 до 2002 година. Тој од 2007 година, кога му беше изречена пресудата, беше во Белград, од каде македонските власти со години неуспешно се обидуваа да издејствуваат екстрадиција. Тој беше неколкупати приведуван во Србија, но никогаш не беше испорачан во земјава.

Според пресудата, тој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Од сторувањето на делото според Кривичниот Законик се поминати 20 години, а од правосилноста на казната веќе поминале повеќе од десет години, што и автоматски значи дека Даравелски нема да ја отслужи затворската казна, бидејќи таа застарела, пишува „Фокус“.

Според Кривичниот Законик, застареноста на извршување на казната подразбира неможност да се започне со извршување на изречената казна, со изминувањето на рокот, кој во законот е определен како рок на застареност, почнувајќи од денот на правосилноста на судската одлука.

Застареноста треба да ја констатира надлежниот суд, по што поранешниот директор повторно ќе биде слободен граѓанин. Најверојатно ова му било јасно и на Даравелски, штом самиот одлучил баш сега да се врати во државата, поминувајќи легално на граничен премин, пишува „Фокус“.

Драган Даравелски, ексдиректорот на Царинска управа, уапсен на „Табановце“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот