Дали Трамп ќе ги протера Хари и Меган Маркл од САД? Парот веќе има резервен план

Принцот Хари, Меган Маркл и Доналд Трамп / Фото: EPA

Фактот дека Доналд Трамп победи на изборите може да биде кошмар за принцот Хари, бидејќи овој републикански политичар претходно предупреди дека принцот Хари нема да има привилегии во САД. Принцот Хари, кој се пресели во САД со Меган Маркл во 2020 година, сега е официјално жител, како што беше потврдено со документите поднесени во април. Таму се наведува дека принцот е лице со постојана дозвола за престој во земјата, пренесува „Дејли мејл“.

Сепак, за време на долгата и се понапната изборна и претседателска кампања меѓу Доналд Трамп и Камала Харис, новоизбраниот претседател на САД рече дека ќе преземе „соодветна акција“ за визниот статус на Хари доколку биде избран. Тој исто така остро го критикуваше војводата од Сасекс, обвинувајќи го за „непростливо предавство“ на покојната кралица Елизабета Втора.

Контроверзноста околу статусот на Хари започна откако Војводата во своите мемоари „Резерва“ призна дека користел дрога во минатото. Во барањето за виза за САД, од апликантите се бара да ги пријават сите претходни случаи на употреба на дрога. Иако не е познато како војводата го исполнил барањето за виза, Трамп на почетокот на оваа година јавно изјави дека Хари нема да добие „специјален третман“ доколку се утврди дека ја премолчувал неговата употреба на дрога во минатото.

Во септември 2020 година, набргу откако Хари и неговата сопруга Меган Маркл се преселија во САД, парот ги повика американските гласачи да „отфрлат говор на омраза, дезинформации и негативност на интернет“ на изборите таа година, на кои на крајот победи Џо Бајден. Иако Хари и Меган не поддржаа ниту еден кандидат, начинот на кој ја формулираа нивната порака доведе до обвинувања дека тие се однесуваат на Трамп, кршејќи го британскиот протокол кој наложува политичка неутралност на кралското семејство.

Трамп тогаш, за време на брифингот во Белата куќа, беше прашан за неговата реакција на нивните коментари кога рече: „Јас не сум обожавател на Меган, и таа веќе го слушна тоа. Но, на Хари му посакувам многу среќа, бидејќи ќе му треба“.

Кога решија да се преселат од Канада, каде што поминаа извесно време по напуштањето на Велика Британија, во САД, во Калифорнија, Трамп на Твитер напиша дека Америка нема да плаќа за нивното осигурување, туку тие самите мораат да се погрижат за тоа. Во разговорот со Пирс Морган, најжестокиот критичар на парот во бегство, во 2022 година тој беше уште пожесток. Тој изјави дека никогаш не видел толку контролирана личност како принцот и дека Меган сигурно ќе го остави „кога ќе одлучи дека повеќе ѝ се допаѓа друг дечко“.

Кралските советници им предложија на Хари и Меган да размислат за „резервен план“ за тоа каде би можеле да живеат доколку Трамп одлучи да го принуди Хари да замине, а една опција би можела да биде куѓата што ја купиле во Португалија, како што откри „Дејли мејл“ минатиот месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот