Дали тоа што смрдеше во хируршките сали на Клинички, било формалдехид?!
Откако се затворија дел од хируршките сали на Клинички центар и откако почнаа да се носат надворешни компресори за да се одвиваат операциите, Министерството за здравство, ТОАРИЛУЦ и Службата за заеднички работи спровеле барем три мерења на примероци од компримираниот воздух, но и од салите.
Препорачано
Ниедно од нив не беше официјално споделено со јавноста и постојано се сугерира дека „се чека да се вратат примероците од Германија“ за да се утврди причинителот на непријатната миризба. Но, никакви примероци не се испратени во Германија, тврдат за „Слободен печат“ доброупатени извори од Министерството за здравство.
Компримираниот воздух кој се смета за лек, во меѓувреме, бил евалуиран од фирмата „Дрегер“ и било утврдено шест пати повисоко присуство на маслена пареа отколку пропишаното со европските стандарди, откри „Слободен печат“ со документот до кој дојдовме, а кој Министерството исто така не го сподели со јавноста. „Дрегер“ констатира и четири пати повисока влага во компримираниот воздух отколку онаа што ја пропишува европскиот стандард.
Примероците се земени на 3 јуни годинава и тоа од потстаницата за компримиран воздух, од потрошните места во операционите сали и од интензивна нега на Клинички центар. Се поставува прашањето колку време компримираниот воздух бил супстандарден и каква е состојбата со другите здравствени установи во државата кои исто така имаат компресорски станици.
Денеска министерот за здравство Арбен Таравари на прашање на „Слободен печат“ потврди дека покрај ова, спроведено е уште едно испитување на хируршките сали на ТОАРИЛУЦ и таму имало откриено присуство на формалдехид. И покрај тоа што овој извештај е од 9 јули 2024 година, а испитувањето е нарачано од ТОАРИЛУЦ и спроведено од домашна компанија во лабораторијата на УГД Штип која е сертифицирана, Таравари уште тврди дека „официјално нема ништо добиено“, односно дека извештајот не му е достапен.
– Има одредени информации дека е пронајдена одредена мала концентрација на формалдехид, но официјално уште немам добиено ништо. Ние веќе работиме на нова набавка на комплетно нова компресорска станица и комплетно нова инсталација.
Се надевам што побрзо да се реши овој проблем и да не зборуваме повеќе за вакви теми кои што навистина се непријатни и неубави, бидејќи создаваме ситуација на несигурност кај сите граѓани.
Засега повеќето од половина од хируршките сали на Клинички функционираат и се надевам така ќе продолжиме. Летово ќе менаџираме со ГОБ „8 Септември“ и Градска болница за пациентите да бидат мирни и спокојни – рече Таравари.
На нашето прашање како граѓаните да бидат спокојни кога Министерството не ги споделува со нив наодите од испитувањата што ги нарачува, тој рече:
– Во Министерството за здравство нема стигнат таков допис и што било да ви кажам ќе биде неформално, неточно, несигурно.
Откако се смени раководството на ТОАРИЛУЦ, според неофицијални информации на „Слободен печат“, пак било направено трето мерење поради претходно утврдениот формалдехид. Сите овие извештаи официјално ги бараме од институциите, но тие одбиваат да ни ги дадат, со образложение дека „на извештајот пишувало дека фирмата која го врши испитувањето мора да се согласи за тоа да биде споделено“, како и дека „истото мора да биде цитирано во целост“.
Во меѓувреме, набавката на компресорска станица се префрли од Службата за заеднички работи на Клинички во самото Министерство за здравство. Три фирми биле да ја видат компресорската станица што треба да се менува, заедно со инсталацијата, меѓутоа ниедна од нив не поднела понуда на тендерот, па така тој пропадна. Овластувањата за ново спроведување на тендерот ги презеде Министерството за здравство, па се чека да распишат нов тендер. Ако и на него не се пријави ниедна фирма, тогаш Таравари најави дека компресорската станица ќе се набавува во четири очи.


