Стојанче Јовановски / фото: Слободен печат / Драган Митрески

„Дали со Ивана ми ја подметнавте дрогата во декември во автомобилот?“, го праша Стојанче сведокот Мартин Саздов

Судскиот процес против Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на Ивана, продолжува со прашања од Стојанче до сведокот Мартин Саздов.

-Дали заедно со Ивана правевте план како да се ослободите од мене? – праша Стојанче, а сведокот одговори потврдно.

Стојанче го праша Саздов и дали „постојано ја присилувал неговата сопруга Ивана да се дрогира и да биде заедно со него“.

-Јас никогаш не сум ја присилувал Ивана на такво нешто. Ивана ми кажуваше дека Стојанче ја терал да се дрогира кога доаѓал дома дрогиран и ја тепал. Јас ѝ се лутев зошто прави такво нешто, но таа рече дека мора да биде добра со него за да ѝ го врати станот – рече Саздов.

На прашањето на Стојанче дали Саздов ја присилувал Ивана на интимни односи и да се снимаат, тој категорично одговори дека никогаш не сторил такво нешто.

„Дали знаеш дека мојот телефон беше спарен со телефонот на Ивана и јас ја знам целата вистина во врска со тоа што планиравте да ми го направите и да се ослободите од мене?“, праша Стојанче Јовановски, на што сведокот рече дека сака тоа да се докаже и Стојанче да ги приложи тие докази.

Сведокот Саздов истакна дека кога таткото на Ивана починал, коментарот на обвинетиот Стојанче бил дека „таму му е местото“. Рече и дека еден ден Ивана му ги побарала нивните интимни видеа, со образложение дека многу ѝ се потребни – а потоа дознал дека Стојанче ја присилувал да ја прати таквата порака.

-Откако ѝ ги пратив на Ивана нашите видеа, таа ми кажа дека Стојанче ја уценува со видеата, дека ќе ги покаже на нејзините родители, дека ќе ја прогласат за неморална жена, а од тоа многу се плашеше – рече сведокот.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот