Дали македонско-бугарскиот дијалог ќе го менува форматот?
Предлогот за трет протокол ја враќа дилемата дали конечно ќе се исчистат идентитетските прашања од процесот со Бугарија или државата повторно влегува во кругот на стари стравови, нови толкувања и неизвесен европски чекор. Од тоа како Софија ќе го протолкува овој сигнал, зависи дали ќе се отвори врата за дипломатско олеснување или за нова конфронтација.
Откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го фрли во игра предлогот за нов, трет протокол со Бугарија, во кој јасно би стоело дека идентитетските, јазичните и културните прашања не можат да бидат услов во европскиот процес – политичката сцена повторно се најде на добро познатата точка: меѓу очекувањата, скепсата и стариот страв од нови блокади.
Препорачано
Во Владата и натаму остануваат на ставот дека нема да навлегуваат во интерпретации. Ставот е дека шефицата на државата има право да артикулира свои позиции во рамките на уставните надлежности, но извршната власт не гледа причина да ја менува претпазливата линија што веќе одамна ја води, а тоа е дека патот кон ЕУ мора да се темели на јасни гаранции, без проширени или алтернативни толкувања.
Овој пристап, колку и да звучи заштитнички, ја има цената на една поткрепена недоверба: секое ново барање, секој нов политички сигнал од Бугарија или од Брисел, веднаш се мери во сантиметри ризик.
Опозицијата, пак, гледа со други очи: не гледа нова дипломатска стратегија, туку убедена е дека ова е можност за уште едно пролонгирање. За СДСМ, предлогот на претседателката е само поле за дневнополитичка магла, а вистинскиот проблем, велат, е дека извршната власт не успева да испорача реформи, па со нови теми го прикрива застојот.
Во Брисел, меѓутоа, реториката останува непроменета: „моментот за уставни измени е сега“. Слични пораки стигнуваат веќе со години. Македонија ги слуша, но овој пат бара нешто конкретно: да знае дека ако ги направи измените, нема повторно да се соочи со нова бариера скриена зад дипломатска формулација.
Тоа е суштината и на барањето на премиерот Христијан Мицкоски – документ, заклучок или формална гаранција дека идентитетските прашања засекогаш се тргнати од масата.
Аргументите на премиерот се надоврзуваат на она што тој го нарекува „цена што Македонија веќе ја платила“. Промена на знаме, Устав, државно име – тие политички трансформации се користат како пример дека државата постојано ги исполнува условите, додека довербата секојпат е она што останува недоиспорачано.
Васко Наумовски, поранешен вицепремиер за евроинтеграции, во изјава за „Слободен печат“ вели дека малку е веројатно официјална Софија да се обврзе дека нема да го користи правото на вето за овие прашања, знаејќи дека претходната македонска влада прифати тие прашања да бидат дел од процесот, со што, како што посочува, е стеснет маневарскиот простор.
– Сепак, доколку двете договорни страни постигнат согласност за регулирање на некое меѓусебно прашање, секогаш е можно таков документ да се усвои. Во случај да постои политичка волја во самата ЕУ, може да се најде начин за надминување на овие препреки, односно за охрабрување на Бугарија да се воздржи од употреба на правото на вето кога станува збор за прашања што не се поврзани со Копенхашките критериуми – изјави Наумовски.
Поранешниот амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев, за „Слободен печат“ вели дека за сѐ е виновен Договорот за пријателство и добрососедство.
– Во тој документ во 14 точки е точно наведено што можат двете страни да прават. Па, така, во една од точките е наведено дека овој Договор може да биде изменет по дипломатски пат од едната или од другата страна. И тоа е основата за секакви предлози – дали тоа ќе биде промена во членови на Договорот, дали тоа ќе значи промена кај оној член каде што е наведена работата на Меѓувладината комисија која одлучува за нови протоколи… Од мој агол на гледање, идејата на претседателката Сиљановска-Давкова е да се предупреди на несовршеноста на Договорот што имплицира прекинување на дијалогот, а нужен е дијалог, нужен е разговор помеѓу двете земји. Станува збор за Договор за пријателство, а не за непријателство. Накратко, еден од приоритетите е да се укаже дека токму Договорот за пријателство ги произведува штетните дејства во меѓусебните односи помеѓу Македонија и Бугарија, како и дека тој треба да биде променет, надграден, а на крајот на краиштата, ставен во една фаза на „премолчено мирување“ – објаснува Ѓорчев.
Кога Договорот не функционира и кога се сведува само на историски прашања, додава тој, тоа значи дека одите назад наместо напред.
– Ние сме соседи, треба да живееме. На Бугарија ѝ е потребен Коридор 8, а и нам ни е потребен. Користа е двострана. И така треба да се гледа на работите. Наместо Договорот за добрососедство да ги унапреди односите помеѓу двете земји, тој практично ги уназади. Затоа сега е потребен лек за тоа како овој договор да биде корисен за двете страни. Ако ни се нарушува државниот интерес, ако ни се ревидира историјата, тогаш тој договор не носи пријателство, туку носи непријателство. Истото важи и за Бугарите – вели Ѓорчев.
И покрај неколкуте обиди, не успеавме да добиеме официјален став ниту од бугарското Министерство за надворешни работи, ниту од Владата во Софија.
Она што следува, барем формално, ќе зависи од тоа како Бугарија ќе го прочита предлогот за нов, трет протокол.
Доколку таму се протолкува како заобиколување на досега утврдените позиции, не треба да нѐ изненади поостра реакција. Но, ако бугарската страна реши да ја разгледа иницијативата низ актуелната европска динамика, можно е да се отвори и мал, но значаен простор за поинакво дипломатско решение.


