Дали и како коронавирусот е поврзан со Паркинсоновата болест?

Фото: Профимедиа

Научниците дојдоа до уште едно сознание, станува збор за поврзаноста на ковид-19 со појавата на Паркинсоновата болест.

Три различни научни студии во светот дојдоа до истиот заклучок – некои од пациентите по заразата со коронавирусот заболеле од Паркинсонова болест! Претходно биле здрави. На еден пациент му се променил ракописот.

Случај во Израел

Неодамнешното истражување на израелски научници, објавено од престижното медицинско списание „Лансет“, потсетува дека одамна е познато дека Паркинсоновата болест или паркинсонизмот може да се развијат по инфекции со вирусите како што се грип А, вирусот Епштајн-Бар (причинител за инфективна мононуклеоза или „болест на бакнежот“), варичела зостер (причинител за овчите сипаници и херпес зостер), вирусот на хепатитис Ц, ХИВ, вирусот на јапонски енцефалитис или вирусот на Западен Нил, но од оваа година и по инфекцијата со ковид-19.

Пријавуваме 45-годишен пациент со веројатна Паркинсонова болест која беше дијагностицирана по тешка инфекција со акутен респираторен синдром со коронавирусот.“

Тоа е објавено во престижното медицинско списание „Лансет неврологија“ како дел од заедничкото истражување на тим научници од Медицинскиот центар „Шара Зедек“ во Ерусалим и компанијата „Сентоџин“, која е светски лидер во раната дијагностика на ретките болести.

Во извештајот се објаснува дека пациентот по враќањето од Америка на 17 март бил хоспитализиран во болница во Израел поради сува кашлица, болки во мускулите и губење на сетилото за мирис, и дека со ПЦР -тестот веднаш било утврдено дека е позитивен на коронавирус.

Иако боледувал од висок крвен притисок (хипертензија) и астма, пациентот поради коронавирусот не развил тешка слика, немал температура, не добивал системски лекови, ниту имало потреба да прима кислород.

Три дена подоцна бил ставен во изолација, а контролните тестови на ковид-19 направени на 25 и 30 март биле негативни.

На пациентот му се променил ракописот

Меѓутоа, во текот на изолацискиот период од три недели, ракописот на пациентот се промени, имаше тешкотии во говорот, во пишувањето пораки на неговиот мобилен телефон, тој забележа дека му трепери десната рака. Симптомите продолжија и кога се врати дома од болницата – опишуваат лекарите.

Пациентот на крајот завршил на одделението за неврологија во Медицинскиот центар „Шаре Зедек“, и тоа два месеца откако бил позитивен на коронавирусот. Му била дијагностицирана Паркинсонова болест. Снимката на ПЕТ-скенерот покажала промени на мозокот карактеристични за Паркинсоновата болест, па на пациентот му бил дијагностициран паркинсонизам.

Случај во Бразил

Сличен случај забележале во Бразил. Имено, 35-годишна пациентка која имала блага инфекција со коронавирус била прегледана во една бразилска болница.

Таа закрепнала за десет дена, но потоа не можела да ја помрдне десната рака. Целото тело ѝ било забавено, одењето ѝ било отежнато, ѝ се променил и гласот.

„Нашата пациентка има акинетичен крут паркинсонизам. Таа немаше невролошки проблеми пред инфекцијата со коронавирусот“, стои во списанието, a научниците додаваат дека во Бразил пронашле уште еден случај на паркинсонизам поврзан со ковид-19.

Случај во Шпанија

Исто така, Американската академија за неврологија објави статија од тимот на Универзитетската болница „12 октомври“ во Мадрид за претходно здрав 58-годишен пациент, на кој по сериозна инфекција со коронавирусот му бил дијагностициран асиметричен хипокинетичен крут синдром, односно паркинсонизам.

– Оваа студија на случајот пружа клинички докази, кои потврдуваат дека SARS-CoV-2 може да пристапи до централниот нервен систем, да влијае врз структурата на средниот мозок и да предизвика невролошки симптоми – се наведува во студијата.

Истовремено, британски научници во „Лансет неврологија“ даваат охрабрувачки тврдења дека знаците на промени во мозокот би можеле да се забележат 15 до 20 години пред да се појават првите симптоми на оваа болест.

Што е Паркинсонова болест

– Болест на нарушувања на движењата.

– Нарушувањата настануваат како резултат на намаленото лачење на хемиската супстанција допамин.

– Сè уште не е позната причината за пропаѓањето на клетките што произведуваат допамин.

– Поради хемискиот дефицит во делот од мозокот кој ги контролира доброволните движења, се јавуваат неволни движења.

Главни симптоми на Паркинсонова болест

– тремор (треперење)

– ригор (вкочанетост на мускулите на рацете, нозете и вратот)

– забавување на движењата

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот