Дали е тоа здраво – дури 19 лекари станаа пратеници?

За претседател на Верификациската комисија беше избрана Јагода Шахпаска, а за членови Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.

Во вонредни околности, со зајакнати мерки за здравствена заштита и за безбедност, во Големата сала на Собранието, позната како Голема купола, вчера се одржа конститутивната седница на десеттиот по ред парламентарен состав на Собранието од прогласувањето на независноста на Македонија.

На конститутивната седница присуствуваа високи гости,  претседателот Стево Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претседателите на Уставниот, на Врховниот суд и на Судски совет на Република Северна Македонија, јавниот обвинител и претседателот на Советот за јавни обвинители, Народниот правобранител, членови на Владата и гувернерката на Народната банка на Република Северна Македонија.

Седницата во својство на гости ја проследија и лидери на политичките партии застапени во Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата, претседателите на МАНУ и на Државната изборна комисија, државниот правобранител, претставници на верските заедници, како и шефови на странски дипломатски конзуларни мисии во Република Северна Македонија.

На сите присутни при влезот им беше проверувана температурата, беше предвидена задолжителна физичка дистанца на присутните, дезинфекција и носење маски, а пратениците гласаа рачно, со картончиња. Ограничен беше и бројот на новинари што можат да ја следат седницата, не работеше Клубот на пратениците, ниту собранискиот ресторанот и бифето.

Собранието прво ги избра претседателот и членовите на Верификациската комисија, која потоа  го разгледа извештајот на ДИК за спроведените предвремени парламентарни избори и ги верификуваше мандатите на пратениците. За претседател на оваа Комисија беше избрана Јагода Шахпаска, а за членови Изет Меџити, Благица Ласоска, Соња Мираковска и Сафие Садики Шакини.

До крајот на седницата требаше да се изврши и изборот на комплетната Комисија за прашања на изборите и именувањата на Собранието. Последната точка, избор на нов претседател на Собранието, е оставена за подоцна, затоа што тоа им се препушта на пратениците што ќе го конституираат новото парламентарно мнозинство.

Во Собранието влегоа 46 пратеници од коалицијата „Можеме“, 44 од коалицијата „Обнова на Македонија, 15 од партијата ДУИ, 12 од коалицијата „Сега е време“, двајца пратеници од Левица и еден од ДПА.

Во собраниските фотелји седнаа 77 пратеници и 43 пратенички, а нивната просечна возраст е 45 години. Според досега објавените податоци, на кои се повикува порталот Факултети.мк, во новиот парламентарен состав најмногу има правници – 28, економисти – 18 и дури 19 лекари. Во законодавниот дом седнуваат и еден педагог, 6 политиколози, еден филолог, 10 професори/наставници во основно и во средно образование. Највозрасниот пратеник, 72-годишниот Илија Николовски, е пензиониран генерал, а најмладиот, 23-годишната Артина Ќазими, е студентка. Во име на граѓаните од парламентот ќе одлучуваат 14 доктори на науки, 9 магистри, тројца магистранди, а има деветмина професори на факултет. Двајца пратеници се со средно образование.

Во новиот парламентарен состав има тројца електроинженери, двајца шумарски инженери, еден информатичар и по еден архитект, новинар, етномузиколог, ветеринар, биолог, земјоделски инженер, хемичар, историчар на уметност, технолог, социјален работник и еден психолог.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот