Дали Бугарија конечно ќе добие стабилна влада?
Конечните резултати покажуваат дека партијата на поранешниот претседател Румен Радев победи на парламентарните избори во Бугарија со јасно мнозинство. Ова е најдобар резултат за една партија од 1997 година наваму.
Со убедлива победа и јасно мнозинство за поранешниот претседател Румен Радев, со значително ослабена поддршка за етаблираните партии, резултатот од осмите парламентарни избори во Бугарија во последните пет години треба повторно да ја исцрта политичката карта на земјата.
Препорачано
Спротивно на предизборните анкети кои предвидуваа уште една можна коалициска влада, партијата на Радев Прогресивна Бугарија, освои 44,59 отсто од гласовите, по пребројувањето на сите гласачките ливчиња, покажуваа конечните официјални резултати.
Ова би ѝ обезбедило на партијата апсолутно мнозинство во парламентот – првата политичка сила што самостојно го постигнала ова од 1997 година.
Резултатот ги зголемува очекувањата за крај на циклусот на краткотрајни коалициски влади, додека Радев ветува решителна борба против корупцијата, ограничување на инфлацијата и водење понезависна надворешна политика во рамките на ЕУ – таква што не го исклучува дијалогот со Русија.
„Прогресивна Бугарија победи решително. Ова е победа на надежта над недовербата, победа на слободата над стравот“, рече Радев по објавувањето на првичнитете резултати од гласањето, додавајќи дека „граѓаните ја отфрлија самодоволноста и ароганцијата на старите партии и не подлегнаа на лаги и манипулации“.
Етаблираните партии далеку назад
Со преброени 96 отсто од гласовите, убедливата победа на Прогресивна Бугарија веќе донесе големи промени: само пет партии ќе влезат во парламентот, во споредба со девет по претходните избори.
Официјалните членови на претходната коалиција – ГЕРБ, Бугарската социјалистичка партија и партијата Има таков народ – беа тешко казнети од гласачите.
Централно-десничарската ГЕРБ, предводена од трикратниот премиер Бојко Борисов, падна под 20 отсто за прв пат во историјата. Тој моментално има 13,4 отсто од гласовите, што го става на второ место, само малку пред опозициската либерална коалиција ПП-ДБ, која освои 12,8 отсто.
Овој голем политички пресврт следеше по масовните протести во декември против Борисов и Делјан Пеевски, лидер на партијата ДПС, која ја поддржуваше претходната влада иако формално не беше дел од неа, и беше обвинета за влечење конци од сенка.
Демонстрантите ги обвинија двајцата политичари дека се главни заштитници на корупцијата во земјата. Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство воведоа санкции против Пеевски поради наводна корупција.
ДПС моментално има 6,6 отсто, што е намалување од 11,5 отсто во 2024 година. Партијата Има таков народ освои помалку од 1 отсто.
Распространето купување гласови
По затворањето на гласачките места, бугарското Министерство за внатрешни работи објави дека ДПС и ГЕРБ се први и втори по број на официјални пријави за купување гласови, со 631, односно 318 пријави.
Предизборниот период беше обележан со голема кампања за сузбивање на купувањето гласови. Министерството за внатрешни работи изјави дека запленило повеќе од 1,2 милиони евра наменети за купување гласови и привело повеќе од 370 осомничени за вакви дела.
„Убеден сум дека е запленет само многу мал дел од вкупната сума“, изјави за ДВ министерот за внатрешни работи Емил Дечев, додавајќи: „Имаме околу 50 лица со имунитет кои учествуваат на изборите, за кои имаме докази за вмешаност во изборни кривични дела“.
Социјалистите надвор од парламентот
За прв пат од првите демократски избори во посткомунистичка Бугарија во 1990 година, Бугарската социјалистичка партија (БСП), која беше дел од претходната коалициска влада, не успеа да влезе во парламентот, остана под прагот од 4 отсто.
БСП беше политичката сила зад подемот на Радев и неговата прва претседателска кандидатура.
Нејзините клучни гласачи ја сменија страната и го поддржаа Радев, кој привлече и гласачи од крајно десничарската, проруска партија Преродба.
Иако поддршката за Преродба значително се намали – од 13,3 отсто во 2024 година на 4,3 отсто, според официјалните резултати – партијата сепак треба да влезе во парламентот.
Новиот премиер пред големи предизвици
Радев има многу работа пред себе и експертите велат дека ќе мора веднаш да се посвети на работа.
Два главни приоритети ќе бидат усвојувањето на буџетот за 2026 година – првиот откако Бугарија се приклучи на еврозоната на 1 јануари – како и воведување мерки за борба против инфлацијата поврзана со војната на Блискиот Исток.
„Мислам дека постојат две големи очекувања во нашето општество: едното се однесува на правдата и прашањето за судските реформи. Другото се однесува на стабилноста“, изјави за Бугарската национална телевизија Антони Тодоров, професор по политички науки на Новиот бугарски универзитет.
Високи очекувања
Радев, поранешен генерал на воздухопловните сили, кој девет години беше претседател на Бугарија пред да поднесе оставка во јануари и се кандидираше за изборите, вети дека ќе се бори против како што вели „олигарскиот модел на управување“ во земјата.
Според анкетите, Прогресивна Бугарија ја привлече поддршката на членовите на генерацијата Z, вклучувајќи ги и оние што протестираа во декември, како и од гласачите на средна возраст и гласачите над 60 години.
Радев победи и во странство, со она што се смета за најголема мобилизација на дијаспората во последните години. Околу 67отсто од оние кои не гласаа на претходните парламентарни избори сега гласаа за Радев.
Ова не е првпат нова партија да победи на парламентарните избори во Бугарија. Во претходните години, две партии ја искористија подготвеноста на гласачите да поддржат нови актери со надеж за промени. Меѓутоа, никој не успеа да обезбеди мнозинство, што ја ослабна нивната способност да ги исполнат предизборните ветувања и доведе до губење на поддршката.
Иако самиот Радев никогаш не водел политичка партија и иако неговите структури се и натаму релативно слаби, а движењето зад него е претежно составено од недоволно познати експерти, спортски личности и економисти, фактот дека има мнозинство го става во позиција да ја спроведе својата програма.
Нов курс во надворешната политика?
Во текот на кампањата, Радев и неговата партија одбија да ја осудат агресијата на Путин врз Украина, настојувајќи да се додворат на своето проруско ориентирано гласачко тело и истовремено предизвикувајќи реакција кај другите гласачи кои се плашеа дека земјата би можела да биде оддалечена од својот проевропски курс.
Радев објасни дека нема да става вето ниту да ги саботира заедничките одлуки на блокот, туку наместо тоа ќе се изземе од нив доколку ги смета за штетни за националниот интерес на Бугарија.
Со текот на годините, тој се залагаше за обновување на увозот на енергенси од Русија и се спротивставуваше на воената помош за Украина.
Сепак, Прогресивна Бугарија се обиде да ги смири гласачите, минимизирајќи ги обвинувањата дека Радев би можел да стане новиот тројански коњ на Путин во рамките на ЕУ, како што за весникот Фајненшл Тајмс изјави Валери Аје, лидерка на групата „Обнова на Европа“ во Европскиот парламент.
„Силна Бугарија во силна Европа има потреба од критичко размислување; ѝ е потребен прагматизам“, изјави Радев во изборната ноќ, додавајќи дека Унијата треба да се фокусира на снабдувањето со енергија и индустријализацијата. „Европа стана жртва на сопствената амбиција да биде морален лидер во свет без правила“, рече тој.
Со тоа што Бугарија влегува во нова и неизвесна фаза под партија која сè уште треба да ја дефинира својата европска политичка фамилија, земјата можеби се движи кон стабилна влада за првпат од 2021 година наваму.
Извор: DW/ Автор: Михаил Иванов


