Дали Брисел ја користи кризата во Бугарија за деблокада на Македонија?
Европската Унија повторно ја активира идејата за преговори меѓу Скопје и Софија токму во момент кога Бугарија се соочува со политичка нестабилност и изборна неизвесност. Иако Македонија изразува подготвеност за дијалог, останува отворено прашањето дали овој потег од Брисел носи суштинска деблокада или уште еден круг разговори без јасни гаранции.
Во јавноста повторно се отвори прашањето за можни нови разговори меѓу Скопје и Софија откако министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека од Брисел доаѓа иницијатива за обновување на дијалогот.
Препорачано
Изјавата доаѓа во момент кога Бугарија се соочува со политичка криза и се подготвува за нов изборен циклус.
Оттука се наметнува дилемата дали станува збор за конкретен дипломатски потег на Европската Унија или за обид да се одржи впечатокот дека евроинтегративниот процес на Македонија сè уште не е целосно блокиран.
По подолг период стагнација, темата за македонско-бугарските односи повторно се актуализира, но засега исклучиво преку изјави од македонската страна, додека од Софија нема јасни сигнали за подготвеност за конкретен исчекор.
Во такви околности, дилемата е дали може да се зборува за сериозен дипломатски исчекор или за обид да се одржи привидот дека процесот не е целосно замрзнат.
Во телевизиско гостување, Муцунски изјави дека македонската Влада останува целосно отворена за дијалог, но дека без подготвеност и од другата страна, решение не е можно.
Тој откри дека уште во декември постоеле сериозни напори од неколку влијателни земји членки на ЕУ и од европското раководство за организирање средба меѓу него и неговиот бугарски колега. Македонија, како што рече, била подготвена и му оставила на Брисел да го утврди терминот, но од Софија изостанала согласност. Истата иницијатива, според Муцунски, повторно е активирана деновиве.
– Ние сме подготвени во секој момент да седнеме на маса и да ги изложиме нашите аргументи, да зборуваме отворено за нашите грижи и за стравот дека и по евентуалните уставни измени, државата повторно може да се соочи со блокади поврзани со идентитетот, историјата и јазикот – истакна Муцунски.
Министерот додаде дека посебно важно прашање е и неприменувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на Македонците во Бугарија.
Ваквата позиција ја рефлектира суштинската загриженост на македонската страна дека и евентуалното исполнување на актуелните услови нема да значи крај на условувањата.
Затоа, главното прашање што се наметнува е што навистина значи овој обновен повик од ЕУ: дали Унијата е подготвена поактивно да се вклучи и да понуди јасни гаранции за предвидливост на процесот, или разговорите повторно ќе се сведат на дипломатска форма без суштинска тежина?!
Поранешниот македонски амбасадор во НАТО, Нано Ружин, во разговор за „Слободен печат“ вели дека обновеното инсистирање на Брисел за преговори меѓу Македонија и Бугарија е изненадувачки потег, но истовремено отвора простор за нов, поцврст настап на Владата и можност за подобро решение од постојното.
– Тоа што Брисел инсистира на обновување на преговорите помеѓу Македонија и Бугарија е големо изненадување, бидејќи Европската Унија беше многу јасна во тврдењето дека ние имаме договор со Советот и со Комисијата, а не со Бугарија. Но, за поздравување е ако навистина постојат такви индикации затоа што Владата ќе може да ги обнови преговорите, да заземе поригиден став и да се избори за можеби подобар договор од тој што сите го критикуваат. Како и да е, интересен е потегот на Брисел – објаснува Ружин.
На прашањето зошто ваквото инсистирање за преговори се случува токму во период кога Бугарија се наоѓа во предизборен период, Ружин вели дека одговорот најверојатно се крие во геополитиката.
– Зошто се случува токму сега? Гледајте малку пошироко на работите. Вклучувањето на Украина во мировните преговори со Русија е условено со безусловното членство на Украина во ЕУ. Со други зборови, доаѓаме до една апсурдна ситуација – држави од Западен Балкан што со децении чекаат, менуваат, реформираат и преговараат, одеднаш се наоѓаат во втор или во трет план, за сметка на Украина, Молдавија, можеби и Грузија. Затоа мислам дека сакаат да го пополнат тој простор. Доколку Русија направи добар мировен договор со Украина, таа практично ќе излезе како победник во војната, а на тој начин би можела да ги прошири и своите влијанија врз Западен Балкан. Затоа сметам дека ова делување на ЕУ со инсистирање за преговори помеѓу Скопје и Софија има геополитички мотиви – вели Ружин.


