Дали Ахмети ќе се кандидира за шеф на државата?

Али Ахмети, лидер на ДУИ Фото: Ахмети Фејсбук

Лидерот на ДУИ размислува дали да го прифати предизвикот. Неговите сопартијци сметаат дека само на Ахмети му доликува да биде претседателски кандидат. Аргументите за тоа се дека гласачите Албанци плебисцитарно ќе се определат за него, а кандидатурата би била голем поттик и за парламентарните избори, брифира за „Слободен печат“ висок функционер на ДУИ.

Можно ли е првпат изборот за шеф на државата да биде далеку повозбудлив од изборот на новиот парламентарен состав и владата? Ова може да биде реалност ако се потврдат информациите дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, влегува во претседателската трка наспроти претседателскиот кандидат на албанската опозиција Арбен Таравари, кој денеска ја промовираше кандидатурата. Ако Ахмети реши да биде претседателски кандидат на ДУИ, тоа не само што ќе предизвика потрес во албанскиот, туку и во македонскиот политички блок.
„Слободен печат“ веќе објави дека ДУИ на претседателските избори ќе оди со свој кандидат и дека сериозно во игра е потпретседателот на партијата и министер за надворешни работи Бујар Османи.

Џафери одбива да коментира

Висок функционер на ДУИ за „Слободен печат“ брифира дека Ахмети размислува дали да го прифати предизвикот на кој го убедуваат сопартијците – да биде претседателски кандидат. Одлука уште не е донесена, но сопартијците сметаат дека само на Ахмети му доликува да биде претседателски кандидат. Аргументите за да го убедат лидерот се дека гласачите Албанци плебисцитарно ќе се определат за Ахмети, дека кандидатурата за шеф на државата ќе биде голем поттик за парламентарните избори и дека, според партиските анализи и математики, можно е тој да влезе во вториот изборен круг заедно со еден од кандидатите од македонскиот политички блок.
Што ќе пресече Ахмети, ќе се знае наскоро, бидејќи изборите се веќе распишани. Од друга страна, доколку Ахмети биде претседателски кандидат, тоа може да се толкува и како страв на ДУИ од кандидатурата на Таравари, односно дека друго партиско решение, освен лидерот, би можел да освои помалку гласови од опозицискиот кандидат.
Техничкиот премиер Талат Џафери одби да коментира дали ДУИ ќе има свој кандидат за шеф на државата.

– Ќе одите до Речица, ќе седнете со лидерот Али Ахмети, јас сум премиер и ја претставувам Владата, а не ДУИ – рече Џафери.

За кандидатурата на Таравари за шеф на државата, Џафери рече дека не чувствува потреба да коментира одлуки на политички партии.

Таравари се спореди со Обама

Таравари е прв во албанскиот политички блок што ја објави номинацијата за претседател на државата. Тој од градскиот плоштад во Гостивар, во друштво на лидерите на коалициските партнери, Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши, рече дека одлуката за неговата кандидатура е заедничка. Тој побара поддршка од сите граѓани, без разлика на верска, етничка и класна припадност, а неговиот евентуален избор за претседател од немакедонската етничка заедница ја спореди со победата на Барак Обама во САД.

– Касами беше многу коректен во преговорите и ми понуди што сакам да изберам, исто како и сите други партнери. На крај заедно анализиравме и донесовме заклучок да се кандидирам за претседател. Ние сигурно ќе одиме во вториот круг, а за понатаму велат „надежта секогаш последна умира“. Во Америка се случи пред 15 години да победи еден човек со црна боја на кожата, па зошто да не можеме во Македонија да добиеме поддршка од сите националности. Јас ќе побарам поддршка од сите политички партии, вклучувајќи ги и другите албански партии и македонски, како и сите други кои сметаат дека јас сум човекот што треба да ја предводи државата. Барам поддршка од сите невладини и групи на граѓани, но пред се барам поддршка од народот, кој е најважен за нас – рече Таравари.

Предлогот за кандидатурата го добил пред еден месец, но дури вчера одлучил да ја прифати.
„Слободен печат“ неодамна објави дека Европски сојуз за промени му понудил на Таравари да биде претседателски кандидат, а со тоа Алијанса за Албанците (АА) да биде дел од албанскиот опозициски блок. Таравари тогаш потврди дека добил понуда, но рече дека не е заинтересиран за претседателската кандидатура. Решавачка беше средбата на Касами, Меџити, Гаши и Таравари со косовскиот премиер Албин Курти во Приштина, каде, како што веќе објавивме, понудата била Таравари да биде претседателски кандидат, а Касами носител на изборната листа на албанската обединета опозиција во Шестата изборна единица или обратно. Набргу, по средбата со Курти, следуваше раскол во партијата Алијанса за Албанците.

Делoт од АА, предводен од Таравари, се приклучи на ЕСП и в сабота ќе ја официјализираат коалицијата, додека дел приврзаници му останаа верни на претседателот на Централното собрание на Алијансата, Зијадин Села, кој најави самостоен настап на изборите на АА.

Во македонскиот политички блок засега, од партиите кандидатура објави само Левица, која на претседателските ќе оди со професорката Билјана Ванковска. СДСМ нема одлука за претседателски кандидат, но сериозно во игра е повторна номинација на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ на 2 март на конвенција ќе го објави претседателскиот кандидат. Таму професорката и пратеничка Гордана Силјановска Давкова има најголема поддршка, по неа е универзитетскиот професор Александар Спасеновски и трет на листата е пратеникот Антонијо Милошоски.

Кавгата меѓу Пендаровски и ДУИ продолжува

Пендаровски и ДУИ и ја продолжија кавгата откако претседателот на државата одби да го потпише указот за Законот за игрите на среќа, по што „интегративците“ му се налутија и најавија дека наместо поддршка за консензуален претседател, ќе одат со свој кандидат за шеф на државата.
ДУИ го прозва Пендаровски да ги каже вистинските мотиви за непотпишувањето на Законот и кој го поттикнал да оди против волјата на граѓаните и на пратениците. Пендаровски експресно одговори дека никогаш, за ниту еден закон, ЕУ писмено не реагирала да не се злоупотребува европското знаменце пред воопшто тој закон да биде донесен, како што ЕУ постапи сега за Законот за игрите на среќа. Тој му порача на вицепремиерот Артан Груби дека тој сигурно е запознаен со дописот, бидејќи го добиле и Владата и Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот