Да се пие или да се учи

Во Обединетото Кралство има 47.600 паба, според податоците од 2018 година, кога беше утврдено дека нивниот број се намалил за 13.200! Но мислам дека сега да ги бројат, ќе има уште помалку, зашто голем број затворија оти се толку мали што нема шанси да ги спроведат владините протоколи.

„Не можам веќе дома да ја учам малата“, резигнирано ми рече пред извесно време Сузан, „ајде што половина работи треба прво јас да ги научам, па потоа да ги прераскажам, ама да бидам искрена, некои не ги ни разбирам. Не е веќе три и пет и еден – девет, туку требало некои загради да се одберат и затвораат и потоа има некои множества и… Ние двете едвај чекаме да почне школото. А богами и другите, за мир во куќата“, рече таа и си наточи еден студен „гинис“. „Заслужив“, ми рече, „добрите работи им доаѓаат на оние што чекаат, а јас ова го чекав цело попладне…“, цитирајќи ми ја рекламата за пијалакот, со релаксирана насмевка од уво до уво и со мустаќи од пивцето.

Се очекува децата  во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска да тргнат на училиште. Ама не сите во исто време. Училиштата во Шкотска веќе се отворени, заедно со некои во Северна Ирска. Англија и Велс се очекува тоа да го сторат идниот месец.

 Малку разединето

Обединетото Кралство не е многу обединето во врска со образованието. Сите делови си објавија свои посебни протоколи и правила, упатства за училиштата, за родителите и старателите. Сепак, владата постави системи за контрола, кои мора да ги почитуваат сите, во сите училишта, сето време.

Децата со симптоми на ковид-19 или со заразени родители и членови на семејство  мора да седат дома, рацете мора да се мијат често, да се промовира добра хигиена во врска со употреба на марамчиња при кашлање и кивање и да се имаат засилени процедури на чистење. Исто така, владата има разработено разни протоколи и процедури, а по цел циркус од повеќедневна министерска конфузија, конечно реши дека учениците – треба да носат маски. Барем оние над 11 години. Барем додека го пишувам текстот, зашто како што им тргнало, од понеделник може да се премислат. Ах, да, треба да носат и униформи. И да не се дружат премногу, а ако решиле да се дружат, да се групираат „со своите“.

Ако во иднина ќе треба да се затвораат објекти што не се од пресудно значење за опстанок, како продавници, ресторани и – пабови, тие основни институции на британскиот „културно забавен живот“ – училиштата треба да бидат последни на списокот. Со оваа изјава на англиската комесарка за деца, Ан Лонгфилд, ќе се согласат многумина кои, и покрај загриженоста од пандемијата, одвај го чекаат почетокот на учебната година. И родителите и децата. Особено Сузан. Ама не и Тим Мартин, сопственикот на Ветерспунс, синџир од 1.000 пабови во Англија и Ирска, кој бараше  пабовите да имаат приоритет, зашто носеле пари, биле добри за економијата и – за менталното здравје на луѓето. Особено неговите.

Национален приоритет

Но, според владата, враќањето на децата назад во училниците е национален приоритет. Во земјата, обединета, има 32.770 училишта. Што приватни, што државни. Некои со плаќање, каде што за една година или еден семестар се плаќа од 5.000/6.000 до 15.000/30.000 фунти, во зависност од тоа дали училиштето е „бординг“ или „со преспивање“, што вели еден мој познајник, односно дали детето го оставате некаде на седумгодишна возраст во некоја убава област околу Сасекс и си го гледате за зимски и летни празници, а си го земате (ако дотогаш не побегнало) некаде на 16 години, подготвено или не, да оди на Оксбриџ. А на толку пари, би требало да е подготвено, вака или онака. Такви бординг училишта тука има околу 500 и нив почна бизнисот да им трпи поради короната, особено затоа што со разните забрани за патувања и карантини, а да не зборувам за политичката ситуација, им се намали клиентелата, посебно од Кина, Русија и арапскиот свет. И со родители што плаќаат и со деца што учат.

Но ете, сега-засега, изгледа дека образовните институции се сигурни. Барем за догледно време. Не сакаме да загубиме уште една генерација, рече премиерот, откако беше обвинет од опозицијата дека нема план за образованието и дека ги остава децата на родителите и на улицата, дека децата „ќе заглупат“ и дека она што се случи со оценките на претходната генерација, кога им се даваа „од око“ и според тоа какви биле пред пандемијата, разочара многумина. Децата не заглупеа, барем не најголемиот дел и барем не тука… Според едно истражување, во мал дел, ама сепак ја подобриле отпорноста на непредвидливи ситуации.

Тројца и дете

Што ќе се случи со пабовите, пак, е тоа е друга работа. Лично мислам дека на БоЏо око нема да му трепне ако треба да избира дали да затвора пабови или училишта, да го стори она првото. Во Обединетото Кралство има 47.600 паба, според податоците од 2018 година, кога беше утврдено дека нивниот број се намалил за 13.200! Голем број поради промените на навиките на населението, некои поради тоа што им ги зголемија кириите, трети зашто не се прилагодија на новото време. Но мислам дека сега да ги бројат, ќе има уште помалку, зашто голем број затворија оти се толку мали што нема шанси да ги спроведат владините протоколи за растојанија, а во еден во кој бевме на северот на Шкотска,  повеќе од „тројца и дете“ не собираше, и тоа густо собрани на малото шанкче (за оние што ќе реагираат за тоа – дете во паб, оди кажи им на газдите дека не може и дека детето треба да чека надвор на виулица, да ве видам, па потоа ќе правиме муабет, евентуално…).

Значи, веќе однапред им е кажано, да не биде потоа дека не знаеле. Ако дојде до густо со вториот бран, да си знаат. Ако им е за утеха, а нема да им е, сепак голем бизнис е тоа, ќе бидат затворени и рестораните, продавниците, бутиците, сѐ друго што почна да работи откако се олабавија мерките, ама училиштата – не.

И сега, наместо залихи од макарони, тоалетна хартија и брашно, самопослугите бележат зголемена потрошувачка на алкохолни пијалаци. Што е сигурно, сигурно е. Сузан пие „гинис“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот