Д-р Стојанов: Ако состојбата е како сега, учениците треба да се вратат на училиште во септември

Д-р Александар Стојанов, Фото: Архива

Поранешниот директор на центарот за јавно здравје и епидемилог д-р Александар Стојанов во разговор за „Слободен печат“ вели оти ако епидемолошката состојба е како сега, во тој случај учениците без никаков проблем би можеле да се вратат во училишните клупи наесен.

На прашањето дали може да се искористи топлото време и учебната година да започне порано, со цел за учениците да се организира и настава на отворено, Стојанов вели оти без разлика на тоа што распустот за учениците е долг, нема информации дека тоа може да се реализира кај нас.

– Немам сознание дека учебната година би можела да започне порано, но не знам дали има друга држава во светот каде децата имаат три месеци распуст. И во Германија учебната година почнува во август со години наназад, не знам тоа дали е поврзано со временските состојби или не, сепак кај нас луѓето одат на одмори во јули и август, па и нивните деца одат со нив, така што и тоа е поврзано. Не знам како би се реализирало тоа, но ако епидемилошката слика е како сега учениците треба да се вратат на училиште од септември – вели Стојанов.

Иако тврди дека со посебни протоколи, одржување на социјална дистанца, дезинфекција и намален капацитет од 50 отсто на ученици во една училница во една смена, се дел од мерките со кои учениците треба да учат физички од септември, сепак Стојанов изразува и надеж дека вакцинацијата ќе се одвива побргу, посебно кај помладата популација. 

– Вакцинацијата за жал оди бавно, јас би сакал да оди побргу. Инаку наставата да започне наесен со физичко присуство сметам дека не би имало никаков проблем, во однос на тоа дека до есен ќе го зголемиме и процентот на вакцинирани луѓе, посебно кај помладата популација. Помладите, не само кај нас, туку ширум светот, не сакаат да се вакцинираат, не знам што им е идејата, се надевам дека ќе се подобри тоа – објаснува Стојанов.

Епидемилогот вели оти единствено индискиот сој може да ја влоши состојбата, но ако се забрза темпото на вакцинација, дури и тој да се прошири во земјава, тоа не би претставувало голем проблем.

– Училиштата не се проблем, учениците ќе се вратат, проблемот е што се уште не сме вакцинирани. . Нека дојде и индиски сој, ако имате 70 до 80 отсто вакцинирана популација, тогаш нема да има проблем – заклучи д-р Стојанов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот