Д-р Софијанова: Децата над 5 години треба да се вакцинираат против ковид

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Најмладите некогаш ја поминуваат инфекцијата и без да знаат, но проблемите се појавуваат подоцна како резултат од антителата од прележувањето, вели директорката на Клиниката за детски болести д-р Аспазија Софијанова.

Омикрон варијантата на коронавирусот предизвикува во земјава да се зголеми бројот на деца со симптоми на инфекцијата. Директорот на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле, доктор Бесник Зекири, за „Слободен печат“ вели дека во амбулантите има зголемен број прегледи на деца со настинки и со омикрон.

– Во моментов имаме 22 деца во нашата установа. Бројките се покачија по новогодишните празници. Децата се стабилни, немаме ниедно дете на кислородна поддршка – вели доктор Зекири.

Директорката на Клиниката за детски болести доктор Аспазија Софијанова исто така потврдува дека е зголемен бројот на деца заразени со сојот омикрон. Според неа, кога станува збор за најмладите, ако досега делта варијантата на коронавирусот претежно се манифестираше со гастроинтестинални симптоми, омикрон дава клиничка слика слична на грип.

– Не смееме да го потцениме омикрон. Станува збор за манифестации што се горнореспираторни, па ако има и опструктивно хронично белодробие, тогаш може да дојде до симнување на секретот и појава на бронхопневмонија. Болеста треба да се третира со претпазливост, особено ако станува збор за деца со хронично болно белодробие и со чести респираторни инфекции – ни рече доктор Софијанова.

Таа додава дека кај децата долгиот ковид е уште проблем и честа појава.

– Вчера имавме случај на дете што пред неколку месеци мислело дека има настинка, а сега има симптоми на слепо црево, повраќа и има антитела што се исклучително високи. Кај децата некогаш се случува да го поминат ковид и без да знаат, но потоа се појавуваат проблемите. Антителата по ковид и имунитетот што се создава, реагира побурно кај децата отколку кај возрасните. Самата реакција и создавањето имунитет создава бурни реакции – вели доктор Софијанова.

Од нејзиното учество на многубројни симпозиуми каде што се дискутира за ковид, омикрон и децата, таа вели дека ставот на искусните педијатри и носители на дејности во повеќе европски клиники, што се базира на клинички студии, е дека сите деца над 5 години треба да се вакцинираат и така полесно ќе го поминат омикрон.

– Генерално, децата полесно ќе го поминат ковид-19 ако се вакцинирани. За нив уште е енигма во постковид фазата, со создаден имунитет. Како ќе се манифестира омикрон, ќе зависи од имунолошкиот одговор на детето и антителата што ќе се создадат. Тешко е да се каже дали тие понатаму ќе направат проблем – додава доктор Софијанова.

Од заразените само два отсто се деца

Неделава здравствените власти информираа дека за 51 процент порасна бројот на позитивни тестови споредено со минатата седмица. Меѓу заболените најмал број биле деца на возраст до 9 години, чиј процент изнесувал 2.

Најголемо зголемување на заболени има кај возрасната група од 20 до 29 години и од 30 до 39 години. Од 3 до 9 јануари пријавени се 946 реинфекции, што покажува дека омикрон не признава ни вакцинирани ни прележани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот