Д-р Никола Пановски: Новата мутација на коронавирусот нема да ја компромитира вакцинацијата!

Новиот тип на коронавирус кој се појави во Велика Британија нема да ја компромитира вакцинацијата, односно вакцината против Ковид 19 не би требало да биде неефективна за него, тврди за „Слободен печат“ професорот на Медицинскиот факултет, микробиологот доктор Никола Пановски.

СЗО е во контакт со официјален Лондон заради новиот вид на коронавирус

Доктор Александар Стојанов од Комисијата за заразни болести пак додава дека засега само се знае дека мутацијата се шири побрзо отколку обичниот коронавирус, и тоа за 70 проценти.

Сепак, тоа што новиот коронавирус се шири побрзо не значи дека е поагресивен. За тоа ќе мора да се прават дополнителни испитувања. Засега знаеме дека се појавил освен во Велика Британија и во Австралија и во Данска. Во однос на тоа дали со мутацијата може да се направат компликации при вакцинацијата односно вакцината да не делува на новиот тип коронавирус не би можел да кажам зашто немаме доволно податоци. За грипот имаме многу податоци и вакцината што ја даваме за грип е четиривалентна, односно заштитува од четири типа инфлуенца. Оваа вакцина за Ковид 19 е едновалентна, така што дали ќе помогне кај некој што се заразил од мутацијата немаме податоци, ни изјави доктор Стојанов.

Колку е опасен новиот вид на коронавирус кој почна да се шири во Англија?

Комисијата за заразни болести предложи четиринаесетдневна самоизолација за патниците кои во Македонија влегуваат од Велика Британија. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека оваа мерка ќе важи за сите граѓани кои од Велика Британија ќе дојдат во земјава со директни летови. Мерката ќе биде предложена на главниот координативен штаб а е донесена превентивно по информациите дека нова мутација на коронавирусот се шири во Англија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна.

Комисијата за заразни болести засега не ја разгледува опцијата да предложи дополнителна мерка како на пример задолжителен ПЦР тест за влез во нашата земја, односно нема да предложи ниту рестрикции за влез и излез од Македонија.

Премиерот Зоран Заев по одржаниот состанок на кризниот штаб информираше дека се забрануваат сите летови од Британија за Македонија и од Македонија до Велика Британија до крајот на годинава.

– Дополнително се воведува и задолжителна 14 дневна самоизолација за сите патници кои по воздушен или копнен пат директно или индиректно пристигнуваат од Велика Британија во Северна Македонија, информираше Заев.

Новиот вид на коронавирус предизвика страв во Европа, повеќе земји го запреа авио-сообраќајот со Велика Британија

Белгија како седиште на ЕУ ги забрани сите летови од Велика Британија, а ја суспендира и директната железничка линија со Лондон. Италија Холандија, Франција и Германија исто така го прекинаа воздушниот сообраќај со Британија. Европскиот совет организираше видео расправа со сите земји членки за оваа мутација на коронавирусот.

Македонските здравствени власти апелираат сите граѓани кои патуваат да ги почитуваат здравствените протоколи, како задолжително носење заштитна маска во автомобил или друго превозно средство, а превозниците да ја почитуваат мерката за бројот на патници да биде преполовен од капацитетот, со цел заштита на здравјето на граѓаните.

ВИДЕО: Хаос на аеродромот Хитроу откако Британија ги откажа летовите поради појавата на новиот вид коронавирус

Информацијата која ја сподели британскиот министер за здравство Мет Ханкок дека потврдена мутација на коронавирусот на југот на Велика Британија се шири побрзо отколку досегашната варијанта, предизвика паника и многу прашања. Со мутацијата на коронавирусот досега во Британија се заразиле околу илјада граѓани, но Ханкок смирува дека самото тоа што мутацијата е позаразна, не значи и дека вирусот е потежок односно дека неговите симптоми се посилни.

За најновата мутација на коронавирусот се знае дека е барем 12 пати поинаква од коронавирусот што се појави во Вухан на крајот од 2019 година. Промените се во клучни области поврзани со тоа колкава е неговата заразност.

Хенкок: Новиот вид на коронавирус е надвор од контрола

Првичните анализи во Велика Британија покажале дека новиот коронавирус е за 70 проценти позаразен споредено со другите. Светската здравствена организација веќе работи на тоа да дознае и испита какво човеково однесување му помага на вирусот побрзо да се шири. Исто така СЗО истражува дали мутацијата ќе предизвика посериозна болест и симптоматологија, и дали може да ги избегне антителата што ќе се создадат со вакцинацијата.

Засега е познато дека зголемениот број на семејни собирања и прослави за новогодишниот период коинцидираат со периодот на ширењето на новата мутација. Би Би Си повикувајќи се на извори од СЗО објави дека засега мутацијата нема да влијае на вакцините. Сепак, со текот на времето, како што ќе се појавуваат повеќе мутации на коронавирусот, ќе мора да се менува и вакцината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот