Д-р Бухова: Не сум одговорна за Онкологија, не прифаќам политички реваншизам
Поранешната директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, доктор Ирина Сотирова Бухова, најостро реагира на предлог заклучоците за нејзина политичка одговорност за скандалот Онкологија кои на Анкетната комисија вчера ги предложи пратеничката Рашела Мизрахи.
Препорачано
ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување на терапија, распоредување на терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање на активности и проверки во конкретниот случај. Дополнително во рамки на инспекторатот додека јас сум била директор немало никаква пријава и инспекторатот немал никакви сознанија за евентуални неправилности, за да реагира и ги проследи сознанијата до надлежните институции, вели Бухова.
Затоа, според неа, предлог заклучоците се неиздржани и се одраз на политички реваншизам.
Како здравствен работник јас ја подржувам работата како на анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација, додава таа.


