Цунамито од новозаразени „отвора“ дополнителни капацитети

Луѓе и лекари пред инфективна амбуланта на клиника - корона пандемија / Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Иако од Министерството за здравство велат дека уште има слободни места за сместување болни, според информациите на „Слободен печат“ од терен, завчеравечер, пациенти со повеќе коморбидитети и со ниска сатурација биле одбиени за хоспитализација во ГОБ „8 Септември“ и на Инфективната клиника поради нивна исполнетост.

Министерството за здравство отвори дополнителни болнички капацитети затоа што нагло се зголеми бројот на пациенти на кои им треба хоспитализација поради ковид-19. Од Министерството за „Слободен печат“ велат дека на дневна основа ја следат состојбата со болнички кревети за навремено да ги планираат идните чекори, со цел соодветно згрижување на сите пациенти што имаат потреба од болничко лекување.

Поради континуиран пораст на бројот на пациенти што имаат потреба од хоспитализација, и покрај тоа што уште има слободни места, ќе се стават на располагање и дополнителни болнички капацитети, кои и во претходните месеци згрижуваа пациенти со потешка клиничка слика на ковид-19, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека според податоците од клиничките болници што секој ден доаѓаат до Министерството, во моментов слободни места има на Инфективната клиника, во ГОБ „8 Септември“ и на ТБЦ-институтот. Сепак, според информациите на „Слободен печат“ од терен, завчеравечер пациенти со повеќе коморбидитети и со ниска сатурација биле одбиени за хоспитализација во ГОБ „8 Септември“ и на Инфективната клиника поради нивна исполнетост.

Во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани вкупно 174 пациенти, и тоа на Клиниката за инфективни болести, во ГОБ „8 Септември“ и во ТБЦ. На инфективните одделенија и во ковид-центрите ширум државата се хоспитализирани 576 пациенти. Според МЗ, има уште 183 слободни места.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот