ЦСР Скопје му сокри на министерот за социјална политика Фатмир Лимани дека две социјални работнички биле на Дигестивна хирургија откако Стојанче Јовановски ја турнал Ивана по скали
Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани испрати допис до редакцијата на „Слободен печат“ по повод трагедијата во скопски Карпош, каде поради институционална негрижа, непрепознавање и непревенирање на семејно психичко и физичко насилство и неспроведување на проценка на ризик на жртвите, животите ги загубија Ивана Стојановски и нејзината ќерка Катја со пад од балкон на зграда. За ова осомничен е сопругот со кој Ивана била во бракоразводна постапка Стојанче Јовановски, човек кој повеќе години ја тепал, постојано бил пријавуван, а освен тоа имал и 10 кривични пријави меѓу другото и за поседување дрога. Од обраќањето на министерот за социјална политика Лимани до нашата редакција, евидентно е дека Центарот за социјални работи Скопје, сокрил дури и од него, дека две социјални работнички на 19 јануари 2026 година дошле на Клиниката за дигестивна хирургија во Скопје, откако Стојанче ја турнал тогаш хоспитализираната Ивана по скалите, по што таа паднала во бесознание. Овој инцидент беше скриен од очите на јавноста сè додека вчера не го откри „Слободен печат“, а во самиот инспекциски надзор кој беше вршен врз ЦСР Скопје, овој настан не бил ниту евидентиран како постоечки. Обраќањето на министерот Лимани во продолжение го пренесуваме во целост:
Препорачано
Како министер за социјална политика, демографија и млади, чувствувам лична и институционална обврска отворено да ѝ се обратам на јавноста во врска со актуелниот случај кој предизвика сериозна загриженост. Согласно новo пријавените наоди односно случката во Клиниката за дигестивна хирургија, се јави потреба инспекцискиот надзор да продолжи со цел целосно и темелно утврдување на фактичката состојба како во однос на новопријавените информации, така и во однос на целокупното досегашно постапување по предметот.
За мене како Министер и за Министерството, е од суштинско значење секој факт да биде внимателно проверен, а секоја околност правилно утврдена. Во однос на извршениот инспекциски надзор, неправилностите кои се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување на непосреден контакт со жртвата, односно вршење на непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници телефонски и административно контактирале со жртвата со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот.
Воедно, најавуваме дека во најбрз можен рок ќе пристапиме кон изменување на Законот за социјална заштита и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, особено во делот на прекршочните одредби што се однесуваат на стручните лица, одговорните лица и правните субјекти, како и зголемување на овластувањата на стручните работници кои учествуваат во постапките на семејно насилство и стекнување статус на овластено службено лице при водење на постапка за заштита од семејно насилство.
Паралелно, ќе работиме на дополнително зајакнување на меѓуинституционалната соработка, затоа што во случаи на насилство навремената и координирана реакција на институциите е од пресудна важност.
Сакам јасно и недвосмислено да порачам: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди. Доколку се констатира одговорност, таа мора да биде превземена согласно закон, без исклучок.
Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се наш врвен приоритет. Како општество, им должиме сигурност, поддршка и правда на сите граѓани. Затоа нема да дозволиме евентуални институционални слабости да останат неадресирани.
Министерството будно ќе го следи овој случај и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност, но и да се зајакне системот на заштита. Апелирам до сите институции, професионалци и чинители во системот да постапуваме одговорно, координирано и со највисоко чувство за човечка и професионална должност. Само така можеме да изградиме систем што навистина ги штити најранливите.
Кој во Центарот за социјални работи Скопје процени дека нема ризик по животот на Ивана и Катја?!


