Кој во Центарот за социјални работи Скопје процени дека нема ризик по животот на Ивана и Катја?!
На вработените во Центрите за социјални работи во Македонија, уште од поодамна не им се работи, односно пружаат отпор да ги извршуваат законските обврски поврзани со проценката на ризик за жртвите на семејно насилство.
Препорачано
Според процедурата, тие се должни да пополнуваат повеќе документи кои бараат од нив да работат – да разговараат со жртвата, длабински а не површно да се запознаат со нејзината состојба и она што го преживува, па после тоа да подготват и план за нејзино спасување односно мерки. Внатре во институцијата донесен е и интерен акт објавен во Службен весник – Правилник за проценка на ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство и на ризикот од повторување на насилството.
За да се изврши проценка на ризикот од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата, вработените треба да пополнат бројни прашалници од спроведен разговор со жртвата, целиот процес да го документираат за да има писмена трага, а за комплетната ситуација на жртвата да се запознаат на начин што ќе ѝ постават над 160 прашања и писмено да ги забележат одговорите. Дали ова било направено за Ивана Јовановски чиј живот заедно со животот на нејзиното дете згасна со пад од тераса во скопски Карпош неделава по долго трпено семејно насилство од сопругот Стојанче Јовановски? Кој бил во тимот од социјален работник, психолог и правник и зошто не видел ризик за Ивана и за нејзиното дете? Дали кога таа поднела барање за развод уште во август 2025 година, социјалните работници во таа постапка констатирале дека таа е психички и физички напаѓана, дека тоа е на очиглед на детето и како ја заштитиле? Каква ќе биде одговорноста за овие службени лица? Засега, според информациите од Министерството за социјална политика демографија и млади, инспекцискиот надзор утврдил дека има неправилности, но одговорноста ќе биде само дисциплинска – казна од плата. Сепак, јавноста бара и други одговори – што конкретно во процедурата за проценка на ризик не беше испочитувано и кое службено лице го направи пропустот?
Со оглед на тоа што според потврдени информации на „Слободен печат“ две социјални работнички на 19 јануари 2026 година дошле во Клиниката за дигестивна хирургија да разговараат со Ивана, откако претходно нејзиниот сопруг ја турнал по скалите во државната болница по што таа паднала во бесознание, во Министерството прашавме, како овие социјални работнички го воделе случајот и како го затвориле? Правилникот за нивната работа, предвидува итно и со должно внимание тие во соработка со други институции да постапат.
Во Министерството за внатрешни работи прашавме како е заведен и процесуиран овој настан, но не добивме информација освен дека на случајот работи внатрешната контрола на МВР.
-Ве известуваме дека во врска со предметниот настан постапката е во тек. Во координација со надлежното јавно обвинителство се преземаат сите потребни мерки и активности. Истовремено, одделот за внатрешна контрола криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во рамки на своите законски надлежности, ни рекоа од МВР.
Процедура има, нема кој да ја сработи!
Има процедура за тоа како да се процени ризикот дали некоја жена што е физички и психички тортурирана, е во животна опасност. А оваа процедура не ја амнестира ни полицијата. Владата во 2023 година донесе Протокол за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.
Согласно протоколот, полициските службеници постапуваат по секоја пријава за семејно насилство и за секоја примена пријава, полицискиот службеник го известува надлежниот Центар за социјални работи, веднаш (телефонски, лично или преку која било форма на електронска комуникација) кога станува збор за проценет ризик по животот или телесниот интегритет на жртвата или член на семејството или кога се предлага итна мерка за заштита, и се доставува и писмено известување до Центарот за социјални работи во рок од 12 часа.
Полициските службеници по непосредниот контакт со жртвата на семејно насилство и прибирањето на неопходните податоци изготвуваат проценка на ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или ризик од повторување на насилството и веднаш по првиот контакт со жртвата телефонски остваруваат контакт со ЦСР секогаш кога има потреба од сместување на жртвата на безбедно место и во случаи кога на местото на настанот присутни се деца, лица со попреченост, со ограничена или одземена деловна способност, изнемоштено или старо лице.
Полицискиот службеник, според протоколот без согласност на жртвата, доставува предлог до надлежен суд за изрекување итна мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот во случај кога е проценето дека постои ризик за сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство или ризик од повторување на насилството.
Од добиените податоци од страна на МВР утврдивме дека многу малку се користи мерката отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот. Во периодот 2018 – 2023 година од страна на секторите за внатрешни работи од Скопје, Куманово, Штип, Струмица, Тетово, Охрид, Битола и Велес изречени се вкупно 8 мерки отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот, наведува државниот ревизор во извештајот за спроведувањето на Истанбулската конвенција објавен во јуни 2025 година.
Вечра Министерството за социјална политика демографија и млади, бегло соопшти дека во целиот случај, имало пропусти, но не беше до крај транспарентно, односно не соопшти каде се грешките и која позиција ја извршувале тие што ги направиле.
Но има доказ дека социјалните работници пружаат голем отпор да работат на законски начин. Тој доказ, е фактот што тие им се жалеле на ревизорите во последниот спроведен ревизорски надзор за тоа како се спроведува Истанбулската конвенција – „дека пополнувањето на толку прашалници им е многу работа“.
Прашалниците се многу важни зашто со нив се проценува ризик од сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство, со нив се предвидуваат мерки на заштита и се прави индивидуален план, а за случаи во кои физичкиот интегритет е загрозен се формира и тим од повеќе лица.

Но, како што се гледа од последниот извештај на Државниот ревизор, објавен во јуни 2025 година одговорните лица во Центрите за социјални работи не сакаат баш да има писмена трага од нивната работа и наместо тоа сакаат „интеракција со жртвата“. Но, токму пишаните траги се клучни кога треба да се прави ревизија и да се види кој каде направил пропуст.
Од извршениот увид и разговори со одговорните лица во ЦСР ни беше укажано дека користењето на голем број обрасци во кои се содржани многу прашања ја отежнува работата на вработените во ЦСР и влијае негативно врз жртвата. Стручните лица сметаат дека при првиот контакт со жртвата, треба да и се посвети должно внимание, истата да се чувствува безбедна и сигурна и потребна е поголема интеракција помеѓу стручните лица и жртвата, а не целта да биде пополнување и одговарање на голем број прашања кои се предвидени во самите обрасци, пишува во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство предвидува дека во случаи кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на жените треба да се изготви безбедносен план за помош, од страна на мултисекторски стручен тим. Надлежниот центар за социјална работа, според живеалиштето, односно престојувалиштето на жртвата, формира мултисекторски стручен тим кој е составен од стручни лица од центар за социјална работа, надлежна полициска станица и здравствена установа, со цел преземање координирани активности во обезбедување на помош на жртвата во согласност со нејзините потреби.
Законот налага дека во случај кога постои сознание за загрозување на животот и здравјето на дете, мултисекторскиот стручен тим во безбедносниот план за помош на родителот предвидува и мерки и активности кои треба да се спроведат за помош на детето.
„Слободен печат“ од Министерството за социјална политика, демографија и млади побара да ги специфицираат пропустите во работењето на Центарот за социјални работи Скопје констатирани за случајот во кој животот го загубија Ивана Јовановска и нејзиното дете.
Во Правилникот, предвидено е во случај на проценка за постоење на ризик за загрозување на животот и здравјето на жените жртви на семејно насилство и членовите на семејството, од страна на стручните лица од ЦСР да се свика мултисекторски стручен тим и изготви безбедносен план. Дали овој план постоел од страна на ЦСР Скопје?
Како и многу пати претходно, Државниот завод за ревизија и овојпат се покажа како една од најефикасните институции во Македонија во поглед на препознавање на системските проблеми и што треба да се поправи. Тие во ревизорскиот извештај напишале:
Ревизорот утврдил дека недоволниот специјализиран кадар и итноста во постапувањето доведува до состојби да не секогаш се одговорени сите прашања од прашалниците и досието/предметот не ги содржи сите потребни документи што укажува дека не се почитуваат процедурите и постапките за преземање на мерки за заштита од семејно насилство, кои се предвидени согласно законските и подзаконските акти, како и обрасците кои се потребни да се пополнуваат, со што се оневозможува итност во постапувањето, обезбедување на ефикасна заштита и поддршка на жртвата на семејно насилство, спречување на идно насилство и одговорност на сторителот на семејно насилство што влијае врз ефикасноста на целокупниот процес на заштита на жртвите.


