Црна Гора одбележува 20 години обновена независност — ЕУ ја пофали, Вучиќ не дојде на прославата
Црна Гора денеска одбележува 20 години откако на референдум ја обнови државната независност, а според истражувањата на јавното мислење, денес идејата за независна Црна Гора би ја поддржале околу 70 отсто од граѓаните.
Препорачано
На референдумот гласале 86,5 отсто од вкупниот број избирачи. Независноста ја поддржале 55,5 отсто, додека, пак, за останување во заедничка држава со Србија биле 44,5 отсто од граѓаните.
Кампањата за независност ја предводеше лидерот на Демократската партија на социјалистите, Мило Ѓукановиќ. Референдумското прашање гласеше: „Дали сакате Република Црна Гора да биде независна држава со полн меѓународноправен субјективитет?“
Референдумската кампања помина во атмосфера на тензии меѓу поддржувачите на Блокот за независна Црна Гора и просрпските партии собрани во Блокот за заедничка држава со Србија. Малцинските народи беа дел од блокот за независност.
Дваесет години по референдумот, Црна Гора е меѓународно призната држава, членка на НАТО и „прва следна“ кандидатка за членство во Европската Унија, но и земја со длабоки поделби и силно влијание на Српската православна црква.
Во првите редови на синоќешниот прием, организиран од премиерот Милојко Спајиќ, сепак беа и оние што на референдумот се залагаа за заедничка држава со Србија, а денес заземаат некои од најважните функции. Меѓу нив особено е претседателот на парламентот и лидер на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ.
— Конечно дојде моментот сите заедно да кажеме: Европо, се враќаме. Среќна иднина, помирена Црна Горо — рече тој пред приемот.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не присуствуваше на прославата, кој претходно напиша писмо за граѓаните на Црна Гора.
„Признавам, виновни сме, и извинете што ве сакавме повеќе отколку вие нас“, напиша тој.
Од Подгорица одговори Министерството за надворешни работи, со порака дека Црна Гора останува посветена на развој на добрососедски односи со Србија, засновани на рамноправност и меѓусебно почитување.
Премиерот Милојко Спајиќ синоќа изјави дека Црна Гора, две децении по обновата на независноста, има идеја што ја обединува и ја води, а на чие остварување никогаш не била поблиску. Тоа, како што порача, е европска Црна Гора и проектот на обединета Европа.
Според Спајиќ, тоа можеби е и последниот вистински мировен проект во светот.
„Европа гледа што изградивте“
Европската комесарка за проширување Марта Кос изјави дека никој не стигнува до оваа фаза од процесот на проширување без огромен труд, ниту, пак станува членка на Европската Унија без уште поголема национална решеност и единство во завршницата на тој пат.
— Европа гледа што изградивте. Европа ги гледа вашите достигнувања. Наскоро ќе придонесувате кон историјата на Европската Унија — рече таа на свеченоста по повод 20 години од обновата на независноста на Црна Гора.
Црна Гора, 20 години по обновата на независноста, според оценките на европските функционери, важи за прва следна членка на Европската Унија. Годинава се очекува да ги затвори сите преостанати преговарачки поглавја, а проценките се дека веќе во 2028 година би можела да биде примена во ЕУ.
Црна Гора се соочува со проблеми
Земјата останува проевропски ориентирана држава и една од најблиските кандидатки за членство во ЕУ, иако дел од аналитичарите сметаат дека влез до 2028 година е преамбициозен. Земјата е членка на НАТО од 2017 година и го призна Косово, но и понатаму е длабоко поделена меѓу црногорскиот и српскиот идентитет. И покрај тоа, анкетите покажуваат дека независноста денес би ја поддржале околу 70 отсто од граѓаните.
По падот на ДПС во 2020 година, на власт дојдоа просрпски партии, а влијанието на Српската православна црква значително се зголеми. Истовремено, земјата се соочува со корупциски афери, слаб прилив на големи инвестиции, раст на јавниот долг и критики дека економските зголемувања се неодржливи. Денот на независноста се одбележува со концерти, но дел од просрпските општини одбија да слават.


