Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“
Перална во Клинички центар, фото Драган Митрески „Слободен печат“

„Цркна“ и машината за перење на Онкологија – не можеше да го издржи товарот од „античката“

Неколку извори од Клинички центар „Мајка Тереза“ неофицијално тврдат дека некои болници од комплексот чаршафите ги перат во приватна фирма за 40-50 денари од килограм, но оваа информација иако прашавме во Министерството за здравство дали е точна, ниту ни ја потврдија ниту ја негираа. 

Судбината на пералницата на Клинички центар „Мајка Тереза“ која е во крајно запуштена и нефункционална состојба, утре ќе се најде на седница на Владата, тврдат за „Слободен печат“ од фирмата што управува со неа „Скопстер“. Од Министерството за здравство и од владата не ја потврдуваат ниту ја негираат информацијата.

Фирмата всушност утре би требало да добие некаква одлука од Владата со која Заеднички служби при Клинички центар ќе ја преземе пералницата во владение. Вработените од февруари до денеска одат на работа без плата и без осигурување и чекаат да им биде решено работното прашање. Но, тоа што дел од нив се појавуваат на работа е само протоколарно бидејќи не ги вршат работите во пералницата туку болничката облека, чаршафите, ќебињата и униформите на лекарите и другиот медицински персонал се перат во надворешни пералници, дел од кои се наоѓаат и надвор од кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. На помош притрчаа и од другите клиники, како на пример Клиниката за онкологија. Таму има две машини за перење, но откако почнале да помагаат и да перат чаршафи и облека за другите болници, едната се расипала. Затоа помошта од Клиниката за онкологија сега е стопирана, од страв да не попушти и втората единствена функционална машина за перење.

-Само им помагаме со сушењето, вели нашиот извор од Клиниката за онкологија. 

Од Службата за заеднички и општи работи за „Слободен печат“ информираат дека во моментов се користат ресурси од самите клиники, како и капацитетите на ГОБ „8 Септември”, каде се префрлени 6 вработени. Некои клиники имаат и сопствени пералници. Оттаму иако на мејл им поставивме прашање не сакаа ниту да ни потврдат ниту да негираат, дека дел од клиниките чаршафите и облеката ги носат во приватна пералница надвор од делокругот на Клинички центар. Неколку извори од Клинички центар „Мајка Тереза“ неофицијално тврдат дека некои болници од комплексот чаршафите ги перат во приватна фирма за 40-50 денари од килограм, но оваа информација иако прашавме во Министерството за здравство дали е точна, ниту ни ја потврдија ниту ја негираа.

Исто така покажана е подготвеност за вклучување и на Клиниката за детски болести во Козле, велат оттаму за „Слободен печат“. 

Вработените во пералницата со нетрпение го очекуваат решавањето на нивниот статус односно да добијат плата и осигурување како и работата на пералницата да биде овозможена, со оглед на тоа што машините за перење се стари и нефункционални, а работните услови во пералницата големата влага, несигурните електрични инсталации и застарената опрема ја прават нивната работа невозможна.

Но, она кое што е уште поголемо нерешено прашање од самата пералница на Клинички центар, е тоа што фирмата „Скопстер“ иако има инвестирано над 10 милиони евра во центар за стерилизација на хируршки инструменти во објектот на „Мајчин дом“, уште нема почнато да стерилизира инструменти за хируршките интервенции. Станува збор за јавно-приватно партнерство што „Скопстер“ го потпиша со Министерството за здравство во 2019 година. Неколку години фирмата го подготвуваше објектот во „Мајчин дом“ со машини за стерилизација, купување на хируршки инструменти за една употреба, но уште не ја доставува услугата во јавното здравство.

Причината за неотпочнувањето на работата, лежи во тоа што Владата уште нема дадено „амин“ за ваквиот проект. Од ова јавно-приватно партнерство, како што во повеќе наврати објаснуваа од „Скопстер“, зависи и иднината на пералинцата на Клинички центар. Имено, „Скопстер“ има проект за нејзино реновирање, но поради тоа што не добива приходи од јавно-приватното партнерство, нема ниту почнато да инвестира во пералницата.

Дека се работи за супстандарден објект потврдија и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Кога вршеле надзор во пералницата, констатирале дека се работи за објект во лоша санитарно-техничка и хигиенска состојба. Но, со оглед на тоа што овој објект е единствен од ваков вид во Клинички центар и нема можност за преструктурирање на клиниките за тие самите да ја вршат дејноста, ДСЗИ нема издадено забрана за вршење на дејноста. Во 2025 година согласно планот за работи, Државниот здравствен и санитарен инспекторат планира редовен инспекциски надзор во пералницата, но она што ќе го начекаат нема да се разликува од минатите надзори бидејќи таму ниту се инвестира, ниту се реновира. Пералницата моментално не работи.

Фирмата „Скопстер“ презеде обврска да менаџира со пералницата таква каква што е, стара 50 години, со застарена опрема, но проблемите почнаа кога вработените останаа без плати и пријавување во задолжително социјално и здравствено осигурување. Од „Скопстер“ велат дека причината за ова е што Службата за заеднички работи при Клинички центар „Мајка Тереза“ им должи пари.

ВИДЕО | Пералницата – „темпирана бомба“ од бактерии и зараза на Клинички центар „Мајка Тереза“ и упориште на изневерени работници

Договорот за спречување инфекции во болниците „фати сепса“ и може да ја чини Македонија 100 милиони евра, а пациентите живот!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот