ЦККС организираше трибина со наслов „Новиот прозен (женски) книжевен бран: жената и градот“

Центарот за култура и културолошки студии (ЦККС), на 23 ноември, во Институтот за македонска литература, организираше трибина со наслов „Новиот прозен (женски) книжевен бран: жената и градот“, како дел од проектот „Креативни точки 2022“, поддржан од Град Скопје.

Уште со појавата на антологијата „Ветрот носи убаво време“ (приредувачи: Весна Мојсова Чепишевска и Иван Антоновски) се навести еден нов книжевен сензибилитет кај најмладите македонски писатели. Најмногу од нив живеат и творат во Скопје. Од овој податок уште поважен е фактот што тие, со своето творештво, со начинот на живот, со креирањето на јавното мислење, го трасираат патот на културното урбано живеење. Тоа ново се препознава преку раскинување со дотогашниот историски наратив и свртување кон секојдневието. Сепак, се почувствува недостиг од проследување на тоа творештво со сите импликации кои ги носи.

Оттука, преку реализација на трибината „Новиот прозен (женски) книжевен бран: жената и градот“, Центарот за култура и културолошки студии организираше дискусија со учество на познати македонски теоретичари и критичари и со учество на самите авторки, со цел да се согледа „големата слика“ што ја продуцира творештвото и животниот стил на овие наши млади писателки.

Во таа насока темата „Писателката и градот“ беше една од можните, во која беа вклучени и поттемите: Сликата на урбано Скопје во делата на македонските писателки; Културата на градското живеење во делата на македонските писателки; Промените на културниот живот со доаѓањето на сцена на младите писателки; Сликата на жената во творештвото на младите писателки наспроти традиционалната, патријархална слика.

Како вовед во дискусијата, свои излагања имаа проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Мишел Павловски, Фросина Пармаковска, проф. д-р Ана Мартиноска, д-р Емил Ниами, Симона Јовановска, д-р Билјана Рајчинова и м-р Ана Јовковска.

– За да можеме да ги разбереме тие процеси, најпрво сакам да посочам на релацијата естетско-популарно и актуелните состојби во кои се одредуваат меѓусебните нивни содејства. Во тој контекст, кога зборуваме за рецентната книжевна продукција, мора да се земе предвид трета категорија, именувана со синтагмата „глобален пазар, сцена и арена“, термин позајмен од книгата „За песните и приказните“ (2020) на Наташа Аврамовска.

Таа глобална сцена бара од книжевноста одредена самоодржливост, која, пак, подразбира и недоволност од само еден читател на некое книжевно дело на кое тоа ќе изврши влијание. Таквата модернистичка логика, во денешни околности е неможна.

Од друга страна, напливот на култура произведена за да ги задоволи барањата на „масите“, ја пласира тезата дека сѐ што е популарно, односно наменето за широка публика, оди на штета на естетското и квалитетот, теза која, исто така, денес е неодржлива.

Сведоци сме на процеси во кои популарноста не ја доведува во прашање естетиката, дури и уште повеќе, сметам дека токму „глобалниот пазар, сцена и арена“ се новите услови во кои книжевноста мора да егзистира и дека токму тие одредуваат дали нештата ќе постојат и ќе се развиваат или ќе стагнираат, назадуваат и ќе исчезнат.

Па наспроти тврдењата дека пазарот, згора на тоа и глобален, придонесува за популарност на некои книжевни дела со сомнителен естетски квалитет, младата генерација македонски писател(к)и, се сосем свесни за фактот дека современиот читател сѐ помалку е заинтересиран за т.н. „големи теми“ во кои доминира историскиот наратив, туку се врти кон она што него го засега, она што е и негово животно искуство, кон она во кое може да се препознае или со кое може да се идентификува и тоа најчесто во специфичен вид на потрага по сопствениот, индивидуален идентитет – посочи проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 156, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 26-27 ноември 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот