Чулев порача дека Камчев и Мицкоски ќе бидат повикани на сослушување, но и сите политичари кои се вмешани во бомбите

Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, преку Фејсбук статус му одговори на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој во претходна изјава му порача на министерот на МВР да ги повика Камчев и Мицкоски на сослушување.

Во продолжение ви го пренесуваме целиот статус на Чулев:

„Постапувањето во согласност со законите и нивната неселективна примена се основните темели на моето работење во Министерството за внатрешни работи. Полициските службеници имаат право да ги повикаат на разговор сите лица за кои постојат индиции дека сторил кривично дело и тоа ниту е мој избор, а ниту моја одлука. Уште повеќе доколку тие индиции се поткрепени со материјални докази, аудио или видео снимки.

Во денешната изјава лидерот на СДСМ јавно ме повика да ги поканиме на разговор и други лица кои се споменуваат во бомбите и уште веднаш ги охрабрувам моите колеги во најкраток можен рок да го направат тоа, но не само оние кои ги спомена тој, туку сите политичари кои изминатиот период беа поврзани, споменувани или во иднина ќе бидат поврзани со некоја од бомбите кои се објавуваат во јавноста, вклучувајќи го и самиот Зоран Заев.

Правда за граѓаните мора да има и секој треба да одговара за криминалот кој го направил, особено доколку со тоа го оштетил буџетот на државата. Можеби во техничката влада правдата е поспора, но ги убедувам граѓаните дека после 15-ти јули конечно институциите ќе почнат да функционираат во целост и Министерството за внатрешни работи ќе отпочне засилена борба против криминалот и корупцијата. Функционално Министерство за внатрешни работи кое безусловно и максимално посветено ќе се бори против организираниот криминал и корупцијата е едно од најважните прашања кои граѓаните очекуваат да се реши, но и услов за интеграција на државата во ЕУ и јас цврсто ќе застанам позади реализацијата на оваа заложба“, пишува Чулев на Фејсбук.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот