Четвртоодделениците од Македонија под светскиот просек во читање

Ученици во основно училиште/Илустративна фотографија:ARNE DEDERT / AFP / Profimedia

Децата од Македонија од четврто одделение имаат потпросечен резултат во читање, покажаа резултатите од Меѓународната студија за читање(PIRLS 2021), и се пласираа на 34-то место во светот на табелата од 43 земји од светот.

Според табелата македонските четвртоодделенци освоиле 442 поени и се под просекот од 500 поени според кое е извршено рангирањето.

Ова обемно меѓународно истражување, чии резултати се објавуваат на секои пет години, на прво место по читање ги рангираше децата од Сингапур со 587 поени, а потоа следат Хонг Конг (573) и Русија (567).

Во топ 10 се и Англија, Финска, Полска, Кинески Тајпеј, Шведска, Австралија и соседна Бугарија која има високи 540 поени.

Резултати од истражувањето ПИРЛС 2021

На табелата, меѓу подобро рангираните од регионот по читање се Словенија на 23 место со 520, Србија е на 26. место со 514 поени, а веднаш зад неа е Албанија со 513 поени. Од регионот иако под просек, подобри резултати од Северна Македонија има Црна Гора -487 бодови, додека полоши има само Косово кое е на 38. место со 421 поен.

Истражувањето опфати 400.000 ученици, 380.000 родители, 20.000 наставници и 13.000 училишта од речиси 60 земји.

Од конечното рангирање се исклучени неколку земји во кои било одложено оценување на група од четврто одделение на почетокот на петто одделение и нивните достигнувања се изземени од конечната ранг листа.

Резултатите покажуваат дека 43 земји имале релативно високи постигања во читањето во четврто одделение како група. Учениците од четврто одделение во речиси три четвртини (30 од 43 земји) имаа повисоки постигања од централната точка на скалата од 500 (точка што е стабилна низ циклусите на оценување). Како и во претходните циклуси, резултатите, исто така, откриваат дека иако разликите од земја до земја во просечните достигнувања често биле мали (значително преклопување на интервалите на доверба), постоел значителен опсег во перформансите од скоро 300 бодови на скала од најдобрите до земјите со пониски перформанси.

Според оваа студија, девојчињата на десетгодишна возраст во четврто одделение од Македонија имале повисок просечен резултат од момчињата, со предност од 25 поени.

Табела 2. Достигнувања на девочињата и момчињата во читање/ПИРЛС2021

Четвртоодделенците во нашата држава имаат подобри постигања во читањето поради литературното искуство (442 поени) во споредба со читањето заради пронаоѓање и употреба на информации (439 поени).

Десетгодишните деца во Македонија биле поуспешни во пронаоѓањето и директното изведување на заклучоци отколку во толкување, интегрирање и вреднување.

Нивниот просечен успех во процесите на пронаоѓање и донесување заклучоци е 443 поени, додека успехот, кога станува збор за толкување, интегрирање и вреднување, е 439 поени.

Истражувањето на децата во Македонија беше спроведено преку Државниот испитен центар кој за тие потреби ги обезбеди и основните податоци за учениците, програмите, наставници јазици и образовната стратегија која се спроведува во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот