Чешка: 20 години години во ЕУ – стабилност, безбедност и цврста меѓународна позиција

Прага/ Фото: Архива на Слободен печат

Пред 20 години Чесите по пат на референдумско изјаснување станаа дел од европското семејство. На 13 и 14 јуни 2003 година, 55 отсто од чешките гласачи излегоа на гласачките места за да одлучат за иднината на земјата и членството во Европската Унија. Тоа беше прв и досега последен референдум во Чешка. Високи 77,3 отсто или 3,4 милиони граѓани гласаа за влез во ЕУ, додека еден милион Чеси одбија да се приклучат.

Чешка се приклучи на Европската унија на 1 мај 2004 година. Заедно со Чешка, истиот ден кон ЕУ се приклучија и Естонија, Кипар, Литванија, Летонија, Унгарија, Малта, Полска, Словачка и Словенија.

Членството во ЕУ носи стабилност, безбедност и цврста меѓународна позиција

Оваа година Чешка бележи две декади како членка на ЕУ и 25 години од влезот во НАТО. Ова се два историски датуми кои го одбележуваат патувањето на земјата во градење на силна држава со западни вредности. Придобивките се видливи на секое поле. Пред сè во искористување на европските пари кои несомнено ја изградија Чешка во демократски запад.

Чешка веќе дваесет години е нето-примател на средства од Европската Унија, кои се користат за развој на образованието, здравството, транспортната инфраструктура, заштитата на животната средина, но и во делот на бизнисот и вработувањето.

– Нашето членство во Европската Унија ни носи докажливи предности, европска финансиска поддршка за инвестиции во инфраструктурата, образованието, иновациите, дигитализацијата и регионалниот развој. Економски растеме благодарение на пристапот до заедничкиот внатрешен пазар, промовираме заеднички интереси и вредности и нашите граѓани можат слободно да работат, да патуваат и да студираат во сите земји на Европската Унија. Во иднина, се надеваме, ќе им се придружиме и на земјите од еврозоната, рече министерот за европски прашања Мартин Дворжак.

Стапката на невработеност во Чешка најниска во ЕУ со 2,7%

Според податоците на Евростат, невработеноста во Чешка во октомври изнесувала 2,7 отсто, што е најниска во целата Европска Унија. До крајот на октомври, 261.000 лица барале работа преку канцелариите за вработување, а во земјата има речиси 300.000 слободни работни места. Најмногу работници се бараат во индустријата и градежништвото, профил на квалификувани занаетчии кои би биле вработени на дол рок.

Во главниот град Прага, до крајот на 2023 година, во заводите за вработување биле пријавени 27.425 апликанти за вработување, што е за 1,2% помалку од пред една година. Мнозинството биле жени (56,5%). Повеќе од една четвртина од невработените во Прага имале само основно образование и се на возраст меѓу 40-49 години. Повеќе од една петина од апликантите биле заинтересирани да работат во услуги и продажба. На крајот од 2023 во Прага имало 79.569 слободни работни места, а најмногу потреба имало за помошници и неквалификувани работници.

Просечна плата 1.800 евра минимална 760 евра

Во Чешка минималната плата прв пат беше воведена во 1991 година и тогашната вредност изнесувала 2.000 чешки круни или 80 евра. Денес таа изнесува 19.000 чешки круни или 760 евра. Просечната бруто-месечна плата во Чешка сега изнесува 46.013 чешки круни или 1.820 евра.

И покрај 20-годишното членство во ЕУ, Чешка ја задржа својата национална валута чешката круна, политичките сили повикуваат на промени.

Од пристапувањето кон ЕУ во 2004 година, Чешка ја усвои економската и монетарната политика на ЕУ и се обврза со Договорот за пристапување од 2003 година да ја усвои валутата евро во иднина. Сепак и по 20 години, чешката круна сè уште е платежна валута. Иако е економски добро позиционирана не постои целен датум од страна на владата за приклучување кон ERM II (Европскиот механизам за девизен курс II) или усвојување на еврото.

Кабинетот што беше формиран по парламентарните избори во 2017 година не планираше да продолжи со усвојувањето на еврото во својот мандат, и оваа политика беше продолжена од следниот кабинет формиран по изборите во 2021 година. Годинава, претседателот Петр Павел ја повика владата да преземе конкретни чекори за усвојување на еврото. Од петте коалициски партнери на власта една е скептична и не може да се стигне до консензус. Формиран е експертски панел кој до октомври 2024 година ќе изготви извештај за основаноста на пристапувањето во ERM-II, по што Владата ќе треба да одлучи дали еврото конечно ќе ја земени чешката круна.

За 20 години Чешка добила два трилиони чешки круни од фондовите на ЕУ

Најголем дел од приходот од средствата се добиени од структурните фондови наменети за поддршка на економски послабите региони. При пристапувањето во ЕУ, земјоделската политика стана важна ставка за трансфер, особено во форма на директни плаќања за земјоделците и Планот за хоризонтален рурален развој. Земјоделството е една од најфинансираните гранки која претставуваше четвртина од парите на ЕУ исплатени во текот на 20-те години од членството на Чешка во ЕУ. Повеќето средства за претпристапна помош беа добиени преку програмата ФАРЕ, чии приоритети се градење институции и финансирање инвестиции.

Петина од вкупната сума беше извлечена од Кохезиониот фонд, кој ги поддржува економски послабите држави на ЕУ. Европскиот план за обновување на следната генерација на ЕУ, исто така беше значаен извор на приходи во последните три години.

Само во регионот Јужна Бохемија повеќе од 100 милијарди круни се одлеале од субвенциите од Европската Унија. Со парите биле поддржани 10.000 проекти. Најголем обем на субвенции отишле за транспортни градби.

Економијата на Чешка е извозно ориентирана со високи приходи

Главните индустрии се високотехнолошки инженеринг, електроника и машинско градење, производство на челик, транспортна опрема (автомобилска, железничка и воздушна индустрија), хемикалии, напредни материјали и фармацевтски производи. Главните услуги се истражување и развој, ИКТ и развој на софтвер, нанотехнологија и животни науки. Нејзини главни земјоделски производи се житариците, растителните масла и хмељот.

Инаку, лани Чешка доби 89,5 милијарди круни повеќе од буџетот на Европската Унија отколку што уплати во неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот