Чекор по чекор – чевларите се оправуваат од кризата: Работа има, ама нема кој да ја работи

Светската економска криза остави голем белег на чевларската индустрија, така што дел од работниците повеќе би седеле во Заводот за вработување отколку да се вратат зад машините

Македонските производители на чевли полека закрепнуваат и добиваат сѐ повеќе нарачки од странските партнери, но, за жал, не може да работат со полна пареа бидејќи нема работници. Овој парадокс е очигледен, а причината е што десетина помали погони не ја преживеаја кризата и беа принудени да затворат, вели за „Слободен печат“ Лидија Милановска, директорка на кумановски „Де Марко“ и заменик-претседателка на Здружението за текстилна и кожарска индустрија при СКМ.

Пред кризата во Куманово функционираа околу шеесетина мали и средни чевларски претпријатија со приближно 2.000 работници. Кожарската индустрија во Куманово функционира со децении наназад, а градот порано беше препознатлив по гигантот „ЧИК“ кој вработуваше околу 3.000 работници. По транзицијата, најголемиот дел од работниците, се вработија во малите погони, кои си создадоа име на домашниот, но и на странскиот пазар.

 

– Партнерите се вратија, но една четвртина од фирмите не ја издржаа кризата, ги затворија погоните, а работниците заминаа под завод. Навистина државата даде поддршка за платите, но помошта беше задоцнета за дел од колегите. Ние што останавме, сега сме во ситуација и да одбиваме нарачки бидејќи не можеме да постигнеме – додава Милановска.

Чевларството е традиција во Куманово, со квалитетни мајстори, но оваа гранка не е најбарана на пазарот на трудот.

– Ниските плати се карактеристика на овој сектор, а тоа не ги привлекува младите. Светската економска криза остави голем белег на нашата индустрија, имаше месеци кога вработените не земаа редовна плата, така што дел од нив повеќе би седеле во Заводот за вработување отколку да се вратат зад машините – забележува Милановска.

Проблем за оваа гранка се одредени сезони кога нема побарувачка. Има примери, пред сѐ во Италија, која е и земја каде што најмногу се извезуваат готовите и полуготовите производи од Куманово, каде што државата го субвенционира месецот кога индустријата не работи.

Во Центарот за вработување во Куманово постојано има слободни работни места за чевларски работници, согласно со искажаната потреба на работодавачите.

– Но практиката покажува недостиг на кадар. Невработените воопшто не сакаат да се вработат во оваа индустрија. Одбираат да работат во трговија или да примаат надоместок за невработеност – додава Милановска.

Според податоците од Здружението за текстилна и кожарска индустрија, најголем број од чевларските фирми работат лон-производство. Дел од нив работат и готови производи, кои ги пласираат во Италија, Германија и во Бугарија. Кризата најтешко ги погоди оние што работеа за домашниот пазар, бидејќи потрошувачката беше сведена на минимум. Дуќаните што продаваат чевли за домашниот пазар ја регистрирале единствената заработка кога граѓаните ги трошеа платежните картички.

– Повеќе од една и пол години живееме во неизвесност. Граѓаните многу внимателно го трошат секој денар, а во таа ситуација, особено трпи трговијата со облека и обувки. Лани овие производи масовно се купуваа преку интернет, ама кога се работи од дома, никој не се дотерува. Посебна катастрофа ги снајде малите, специјализирани продавници за облека и обувки, кои се борат на повеќе фронтови – против големите трговски центри, против онлајн продажбата, а се чини дека короната им ја прелеа чашата – вели една сопственичка на дуќан за продажба на чевли.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот