Центарот за истражување на предисторијата: Продолжува противзаконското оштетување на локалитетот Влахо кај Живојно

И покрај укажувањата на Управата за заштита на културно наследство и Завод и музеј – Битола продолжува да се оштетува археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно, поради експлоатација на јаглен, реагира Центарот за истражување на предисторијата. Велат дека противзаконски продолжило копањето за јаглен, а како резултат на тоа, целосно е уништена источната периферија на локалитетот со што е оневозможено негово истражување и трајно се изгубени важни информации поврзани со животот во неолитот.

При девастирачките работи со багери оштетени се неколку ровови и повеќе неолитски куќи, а исфрлени се и илјадници остатоци од керамички садови, фигурини, алатки и др. Благодарение на резултатите добиени од геомагнетното скенирање може да се увиди кои делови од локалитетот се уништени и оштетени, што претставува несовесно и намерно остранување на евидентни археолошки содржини. Направениот укоп за јаглен во источниот дел на локалитетот ќе предизвика натамошен одрон на археолошките слоеви што се наоѓаат до него, како и континуирано оштетување на локалитетот, се наведува во соопштението.

Додаваат дека ваквото неодговорно однесување е недозволиво, особено што Македонија е потписничка на Фаро конвенцијата, иницирана од Советот на Европа.

Оштетувањето на локалитетот Влахо веќе предизвикува остри реакции од страна на меѓународните институции и стручњаци кои го осудуваат овој вандалски чин. Тоа воедно дава и лоша слика за земјата во која не се почитуваат законите за заштита на културното наследство, велат од Центарот.

Потсетуваат дека најновите сознанија за локалитетот неодамна беа објавени во Антиквити, списание што го издава Универзитетот во Кембриџ.

На тој начин, на врвно светско ниво се афирмираа извонредните обележја на оваа неолитска населба, односно нејзиното основање околу 6400 години п.н.е. и присуството на десетина ровови, што го прави овој локалитет еден од најстарите во неолитот во Европа и мошне редок поради својата просторна организација, потенцираат од Центарот за истражување на предисторија

Од тие причини, апелираат дека неопходно е Влахо кај Живојно да се заштити и да се прекине неговото целосно уништување во иднина, а воедно и да се овозможи негово темелно истражување поради значењето што тој го има.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот