Центарци ќе си ги зајакнуваат мускулите во теретана во Паркот на франкофонија
Теретана на отворено со 17 справи за вежбање е поставена во Паркот на франкофонија, создавајќи современо катче за здрав и активен живот.
Препорачано
Од Општина Центар велат дека фитнез зоната е поставена на барање на граѓаните, кои од денеска ќе можат да спортуваат на клупи за стомачни вежби, на висечки и паралелни шипки, вертикална решетка, боксерска вреќа и др.
Новата теретана е совршено место за вежбање и рекреација. Ваквите простори нудат тренинг на свеж воздух без потреба од членство или дополнителни трошоци. Верувам дека рекреативците и љубителите на спортот, од сите возрасти , ќе уживаат вежбајќи во преубавиот зелен амбиент на паркот, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Деновиве ќе биде поставена и вештачка трева, што обезбедува удобна и безбедна површина за вежбање. Опремата е изработена од висококвалитетен материјал со заштитен премаз и прашкаста боја, што гарантира издржливост и отпорност на влага и атмосферски влијанија.
Просторот за вежбање е реализиран по предлог на граѓаните, во рамки на Маалските средби организирани од локалната самоуправа, а во согласност со општинските приоритети за промовирање на спортот и здравиот начин на живот.


