Центар може да ѝ ја одземе градежната дозвола на фирмата поради која пропадна улица кај „Универзална“

дупка на улица во центар при изградба на зграда / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

По уривањето на дел од улицата „9 Мај“ зад Универзалната сала, Општина Центар разгледува поригорозни мерки за инвеститорите кои градат спротивно од законските регулативи. Во изјава за медиуми денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски рече дека причинетите штети по одронот на улицата ќе паднат на товар на инвеститорот „Бинјапи инженеринг“ кој неколкупати досега не ги почитуваше опомените на инспекторските служби и наспроти законските прописи продолжи со градежните активности.

„Разгледуваме законски можности доколку некој од инвеститорите не гради според законот и според одобрението кое е дадено, општината да го стопира и да ја повлече дозволата за градба. Утрово ја разгледувавме и таа можност, но во моментов ни треба што побрзо самото земјиште да се осигура и да се обезбеди онаа јама која треба да ги заштити околните згради“, изјави Герасимовски.

Инспекцијата на Општина Центар досега изрече неколку опомени на инвеститорот „Бинјапи инженеринг“. Општинската инспекција во последната опомена му наложи на инвеститорот да постави армирани бетонски колови, т.н. шипови, за обезбедување на јамата, кои тој не ги извел и со тоа постапил спротивно на одобрението за градење. Со изоставувањето на армираните бетонски колови, инвеститорот ги довел во опасност околните објекти, а пропадна и дел од улицата „9 Мај“, каде што се наоѓа и спорното градилиште кое неколку пати беше затварано од градежната инспекција. Денеска Општина Центар го казни инвеститорот и изведувачот „Арадико коп ДООЕЛ увоз извоз“ за 12.500 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот