Цените на горивата во Европа и понатаму растат, за една година повисоки за над 20 отсто
Во април оваа година, цените на горивата во земјите во Европската Унија се зголемија за 20,8 проценти во споредба со истиот месец во 2025 година, покажуваат новите податоци на Евростат.
Препорачано
Ова претставува продолжување на растот на цените на горивата по зголемувањето од 12,9 проценти забележано во март во споредба со истиот месец минатата година.
До февруари 2026 година, цените на горивата и мазивата беа претежно во пад, како на ниво на просекот на ЕУ, така и во повеќето земји-членки.
По почетокот на војната во Иран на 28 февруари, цените на горивата почнаа нагло да растат по порастот на цената на нафтата. Цената на нафтата се зголеми поради затворањето на Ормутскиот теснец низ кој минуваат 20 проценти од светската нафта, но и поради нападите врз енергетските капацитети на Блискиот Исток.
Како што покажуваат податоците на Евростат, во април цените се зголемиле во сите земји од Европската Унија, а во дури 15 земји растот надмина 20 проценти. Најголеми зголемувања се забележани во Луксембург од 33,8 проценти, по што следат Франција и Шведска.
Според видот на гориво, во април 2026 година, цените на дизелот во ЕУ биле повисоки за 33,7 проценти, додека цените на бензинот се зголемиле за 13,6 проценти во споредба со април 2025 година.
Помеѓу март и април 2026 година, цените на дизелот се зголемиле во сите земји од Европската Унија. Најголем раст е забележан во Словенија од 23,5 проценти, во Бугарија за 19,5 проценти и во Кипар за18 проценти, додека најмали зголемувања на цените се регистрирани во Полска, Романија и Унгарија.
Кога станува збор за бензинот, во 23 земји-членки на ЕУ е забележано зголемување на цените во април во споредба со март 2026 година, кое се движи од 12,9 проценти во Словенија до 1,3 проценти во Ирска. Од друга страна, три земји забележаа пад на цените на бензинот во споредба со претходниот месец: Романија, Шпанија и Полска.


