Царовска најави дека сместувањето во студентските домови најверојатно ќе почне од утре

Индекси, студенти, бруцоши
Студент со индекс / Фото: „Слободен печат“/Драган Митрески

Се одржа првиот акадамски час, бруцошите денеска се појавија во предавалните на скопските факултети, за нив овој ден е убав бидејќи претставува нов почеток исполнет со многу нови познанства и авантури. Но тоа не е случај со сите студенти, среќата на бруцошите кои доаѓаат од другите градови, а кои планираа да се сместат во студентски домови не беше целосна, со оглед на тоа дека вратите на факултетите беа отворени, но не и на студентските домови.

Некои студенти од прва година, кои доаѓат од другите градови наместо со куфери, во Скопје дојдоа само со индекс. За МИА велат, дека иако во соопштението на официјалната страна на Министерството е наведена информацијата оти резултатите за прием на студенти од прва година треба да излезат на 30 септември, сепак резултати нема.

„V.3. Конечниот список за прием на студенти од I година ќе биде објавен на 30.09.2021 година на огласните табли во студентските домови каде што конкурирал студентот и на веб страницата на Министерството. Приговор по резултатите се доставува до архивата на Министерството за образование и наука, „ул. Св. Кирил и Методиј” бр. 54, Скопје во рок од 5 дена од денот на објавувањето на резултатите”, стои во соопштението од Министерството.

Министерката за образование Мила Царовска, по повод почетокот на новата академска година одговарајќи на новинарско прашање појасни дека би требало во текот на денот да се објават списоците, а сместувањето најверојатно ќе започне утре, заклучувајќи дека тоа е стандарден процес.

Меѓутоа оваа пракса им задава големи проблеми како на родителите кои се жалат дека не можат да се координираат поради неизвесноста, така и на студентите со кои разговаравме, а кои велат дека поголема е маката со студентските домови отколку со испитите и тешките предмети.

-Имам колеги што од Охрид дошле до тука, а немаат каде да останат, не знаат што ќе се случува реално тоа е многу голем притисок, знам колку е тешко, сум била во студентски реалнопоголема мака е како да се снајдеш во студентскиот живот отколку да ги положиш предметите, потенцира студентката Ана Марија Зафирова, за МИА.

-Не сум се соочил со проблеми при сместување, но запознаен сум дека има и такви работи на пример да те примат покасно, а ти мораш да се појавиш на факултет поради неодложни обврски и два-три дена мора да одиш кај пријатели. Мора да се регулираат датумите на конкурсите и секако да бидат концизни, ако навестиле дека на 30 септември ќе има резултати така и да биде, бидејќи тоа не се многу денови, но се доволни на студентите и родителите да им создадат големи главоболки, дополни друг студент.

Според директорот на Државните студентски домови, Виктор Велевски проблемот не е кај нив, затоа што домовите се подготвени, само се чекаат резултатите од МОН.

-Ние сме спремни за сместување на бруцошите, и доколку се доцни ден или два сметам дека нема да има никаков проблем за нас, затоа што службите на ДСД Скопје се подготвени, но за повеќе одговори обратете се во МОН бидејќи и ние чекаме, изјави Велевски.

Од Универзитетското студентско собрание пак, испратија апел до институците да ги почитуваат роковите бидејќи како што заклучуваат од таму се создава несигурност кај студентите во поглед на сместувањето.

-Инсиституциите да си ги почитуваат роковите кои сами си ги поставуваат. Јасно ни е дека во целиот процес се инволвирани повеќе институции и тоа некогаш значи задоцнета реакција, но во случајов се создава несигурност кај студентите во поглед на сместувањето во последен момент, а академската година почна денеска, изјави за МИА Ева Цветковска, претседателка на Собранието.

Студентите за МИА дополнително се пожалија дека многу од нив се откажале од факултетот поради лошите услови во студентските домови, а становите ретко кои можат да си ги дозволат, затоа што кај повеќето студенти закупот лошо се одразува врз нивната финансиска состојба.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот