фото: ФК Пелистер

Булатовиќ: Пелистер има сериозен потенцијал, можеме да одиграме на високо ниво против Шкупи

Српскиот интернационалец во редовите на фудбалскиот клуб Пелистер од Битола, Лука Булатовиќ, го постигна првиот гол за својот тим во новата сезона токму на дерби натпреварот со Вардар.

Тогаш „црвено-црните“ ја однесоа победата, но битолчани успеаја да слават на второто гостување кај АП Брера и сега апетитите се зголемуваат бидејќи следува мечот со Шкупи, екипа која оваа сезона се уште нема освоено бодови. Според Булатовиќ, битолскиот тим ќе треба да демонстрира во пракса дека е на повисоко рамниште.

– Од мој агол, не ја познавам екипата на Шкупи доволно добро. На нас е да се подготвиме и да влеземе во овој натпревар како и во секој друг – максимално мотивирани, со јасна цел да го покажеме нашиот квалитет. Верувам дека имаме сериозен потенцијал и дека можеме да одиграме на високо ниво. Важно е од самиот почеток да наметнеме наша игра, да ја задржиме концентрацијата и да бидеме компактни во сите линии на тимот – рече Булатовиќ.

Тренерот на ФК Пелистер, Димитар Капинковски не бега од улогата на фаворит, но потсетува дека неговиот тим сè уште се гради:

– Ние дефиниравме дека на секој натпревар ќе одиме на победа, а за тоа да се случи потребно е да бидеме на максимумот од своите можности. Имаме нова екипа што расте и се надградува, но знаеме што сакаме. Шкупи е тим кој не можевме да го гледаме минатата седмица, има нови играчи, па затоа се фокусираме на себе. Темелно се подготвуваме, ме радува што нападот профункционира во Струмица, имавме неколку изгледни шанси и два гола, беа изградени акции и тоа она што повторно ќе се обидеме да го оствариме – се зборовите на Капинковски.

Иако ова требаше да биде прв натпревар за Пелистер на домашен терен (по гостувањата во Скопје и Струмица), битолчани наместо на својот стадион, ќе бидат домаќини во Кавадарци. Оваа одлука уследи како грижа за теренот во Битола, каде што во текот на септември селекцијата на Македонија до 21 година ќе биде домаќин на Италија во рамки од квалификациите за ЕП во 2027 година.

Натпреварот од третото коло во ПМФЛ меѓу Пелистер и Шкупи ќе се игра в понеделник од 17.00 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот