Фото: Слободен печат | Монтажа

Бугарите велат едно, Мицкоски друго – каде запна Акцискиот план за правата на заедниците?

Документот што требаше да биде технички чекор напред, прерасна во нов политички судир. Разликите во толкувањата меѓу двете земји уште еднаш го замрзнаа процесот.

Нов дипломатски јазол се врзува околу Акцискиот план за правата на заедниците – документ што формално треба да ја приближи Македонија до Европската Унија, а суштински повторно ја отвора старата дебата со Бугарија.

Додека Софија тврди дека проблемот е што Планот им бил презентиран на граѓаните на англиски јазик, премиерот Христијан Мицкоски инсистира на спротивното: дека реакцијата од Бугарија дошла затоа што документот е напишан на македонски јазик.

Во ставот на бугарското Министерство за надворешни работи, објавен преку медиумите во понеделникот наутро, се изразува загриженост поради, како што се наведува, „отстапувањата на Скопје од Европскиот консензус од 2022 година“.

Од Министерство за надворешни работи на Бугарија посочуваат дека прашањето на кој јазик ќе биде изготвен Планот за правата на заедниците е внатрешна работа на Македонија и не е дел од билатералните односи.

Документот, според Софија, ќе го спроведуваат домашните институции кон сопствените граѓани и затоа е логично да биде подготвен на јазик што им е разбирлив, или како што го нарекуваат – „достапен јазик во Македонија“.

Изборот на Скопје да го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планиран навистина да се спроведе“, стои во соопштението.

Бугарските власти нагласуваат дека Акцискиот план за правата на заедниците требало да следи по вклучувањето на Бугарите во Уставот – процес кој, како што велат, сè уште трае и кој е предуслов за отворање на пристапните преговори со Европската Унија.

Во исто време, од Софија ги поздравуваат изјавите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ги „прифати сите други забелешки“ на бугарската заедница во Планот и изразуваат очекување дека тоа ветување ќе биде исполнето.

Проблемот е во јазикот?

Само еден ден претходно, премиерот Мицкоски изнесе дијаметрално спротивен став. Според него, забелешката од Бугарија не била за содржината на документот, туку за фактот што тој документ е напишан на македонски јазик.

– Иако Акцискиот план за заштита на малцинствата беше изготвен како дел од европскиот интеграциски процес, Бугарија поднесе забелешка не поради содржината, туку поради тоа што документот е напишан на македонски јазик – изјави Мицкоски.

Тој потсети дека токму на ваков развој на настаните предупредувал и во разговорите во Брисел, оценувајќи дека дури и најквалитетен документ, подготвен со експертска помош и со вклучување на јавноста, би наишол на отпор од Софија.

Премиерот нагласи дека ниту една друга земја членка на Европската Унија не реагирала, ниту пак некое малцинство во Македонија изразило незадоволство.

– Единствениот проблем бил јазикот – рече Мицкоски, потенцирајќи дека македонскиот е мајчин и официјален јазик на државата, вклучително и во нејзината меѓународна комуникација.

Тој додаде дека сите технички и политички услови биле исполнети, дека во документот биле вградени и предлози од меѓународни експерти, меѓу кои и од Италија, а на барање од Брисел, Планот бил доставен до Бугарија и пред официјалниот рок, како гест на добра волја.

И на англиски и на македонски

Македонија останува доследна на европските правила на мерит-базираниот пристап кон проширувањето, реагираше македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.

Оттаму тврдат дека предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците е изработен и на македонски и на англиски јазик од домашни и меѓународни експерти, „во блиска консултација со Советот на Европа и Европската комисија“.

Процесот на изработка на Предлог-акцискиот план за заштита и унапредување на правата за припадниците на заедниците се одвиваше во повеќе фази, започнувајќи од 2023 година, при што финалната доработка беше интензивирана во последните шест месеци од 2025 година. Во текот на целиот процес беа активно вклучени и редовно консултирани домашни и меѓународни експерти од областа на меѓународното право, човековите права и правата на малцинствата. Од страна на Советот на Европа и Европската комисија беше нагласено дека документот ги опфаќа сите релевантни европски и меѓународни стандарди. Загрижува фактот што, наместо да биде поздравен како конструктивен чекор напред, документот е предмет на апстрактни и неосновани коментари од страна на Бугарија, што не придонесува за градење доверба и добра верба меѓу двете држави. Наместо неаргументирани коментари, од нашиот сосед очекуваме европско однесување, меѓу другото и по однос на целосната почит и признавање на македонскиот јазик“, се вели во соопштението од македонското МНР.

Ништо специјално не се случува

Очигледно е дека ништо значајно и ништо важно не се случува помеѓу Скопје и Софија, вели за „Слободен печат“ поранешниот дипломат Ристо Никовски.

Станува збор за ситни препукувања за јазикот и за малцинствата, но тие препукувања ништо не значат. Сепак, ваквите околности покажуваат дека ние сме на потег, дека Софија нема никаква намера да менува било што од своите досегашни политики во однос на Скопје, а истото важи и за Брисел. Тие ја постигнаа својата цел и тие немаат никаков повод или причина да преземат какви било чекори. Но сето тоа се случува на наша штета и излезот од тунелот мора сами да го бараме – изјави Никовски.

Единствениот начин за Македонија да тргне по вистинскиот пат е откажување на вториот протокол со Софија, посочи нашиот соговорник.

– Без откажување на вториот протокол ние нема никаде да стигнеме. Не треба да заборавиме дека нашиот клучен проблем воопшто не е промената на Уставот, туку Преговарачката рамка. Со таква Преговарачка рамка ние никогаш нема да влеземе во Унијата, ниту, пак, ќе се приближиме до портите на Брисел – објасни Никовски.

Реакции од македонските Бугари

Паралелно со официјалните позиции, и бугарските медиуми пренесуваат реакции од претставници на македонските Бугари. Тие потсетуваат дека текстот на Планот им бил презентиран на англиски јазик на состанок одржан на 2 декември.

– Добивме 37 страници сложен текст на англиски јазик. Не сите го зборуваме на високо ниво, а уште помалку имаме правна обука. Колку успеавме, толку и се подготвивме. Очигледно планот не е наменет за нас – изјави за БГНЕС Георги Цорномаров од здружението „Балкански мост“ од Битола, кој присусвувал на состанокот кој се одржал на 2 декември.

Според него, документот што се подготвува не ги штити правата на македонските Бугари, туку служи како алиби пред европските институции – „за да се прикрие ситуацијата и проблемите да се стават под тепих“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот