Брзи избори, или пролонгирана агонија!

Една од активностите во прилог на тоа треба да биде и што побргу одржување на изборите кои треба што поскоро да ја одглават државата од правно-политичкиот ќорсокак во кој заглавува.

Лидерската средба не донесе конкретен термин за одржување на изборите. Но, проектирани се одредени датуми кога би можеле да се одржат.

Од досега кажаното најверојатно ќе се работи на „пеглање“ на термините предложени од страна на СДСМ, 14 јуни и средината на јули како термин на кој „пука“ ВМРО ДПМНЕ. Зад предлогот на Заев застанаа партиите на Албанците освен Алијансата за Албанците која сака да ја почека дијаспората да си дојде дома.

Сите се за избори, и сите се за здравјето на граѓаните! Како тоа ќе го „упасираат“ останува да се види.

Но се чини дека датумот што сите го посакуваат, треба да биде гаранција за победа на изборите!

Што порано, или што подоцна! Аргументи и за првото и за второто има доволно. Но ни едното ни другото со здравјето на граѓаните нема врска. Она што за сите има врска е што поскоро враќање на животот во нормала, затоа што граѓаните доволно долго се под рестриктивни мерки, движењето им е ограничено, работните места им се доведени во прашање, а платите намалени. Една од активностите во прилог на тоа треба да биде и што побргу одржување на изборите кои треба што поскоро да ја одглават државата од правно-политичкиот ќорсокак во кој заглавува.

Оттаму, секое одолговлекување на овој еднаш веќе започнат и договорен процес, само ќе ги става граѓаните и целата држава во пролонгирана агонија.

Нетрпението е веќе видливо и во секојдневниот живот. Резултат на тоа секако се и „излетите“ надвор на верниците за време на празниците, каде не се води многу сметка за заштитата од вирусот и држење социјална дистанца. Потоа секако во тоа спаѓаат и барањата за олеснување на работата на рестораните, шопинг центрите, спортските активности, одење на летен одмор и се она што значи нормален живот.

Затоа и аргументите на СДСМ за избори што поскоро се повеќе разбирливи, колку и зад нив да има партиски интерес, одошто одолговлекувањето од страна на ВМРО ДПМНЕ. Ним сигурно не им е „повеќе“ грижа за здравјето на граѓаните од останатите, што како аргумент постојано го истакнуваат, а зад што се кријат други, партиски калкулации.

И од правно- политички и од организациски причини е најдобро на избори да се оди веќе во јуни. Имено, во земјава засега единствена „нормална“ институција е претседателот на државата. Владата се разбира функционира, но е техничка, што значи не е во полн политички капацитет, туку е дизајнирана само за подготовка на избори. Собранието е целосно замрено. Тоа фактички не постои. Само спикерот Талат Џафери номинално постои, но е бескорисен.

Затоа е нужно што поскоро да се оформат легитимни и легални институции што ќе ја стават државата на колесек. Тоа значи брзи избори за да се конституира новиот парламент и нова Влада со мандат да носи одлуки низ легална процедура од инетрес за граѓаните. Во нив секако спаѓа и грижата за здравјето на граѓаните како и заздравување на економијата.

Од организциски аспект, пак, од страна на ДИК изборните подготовки се главно направени и тоа 22 дена пред одржување на оние закажани за 12 април. Остана ажурирањето на Избирачкиот список за периодот на здравствената криза.

За ВМРО ДПМНЕ има повеќе опции. Тие се комотни во опозиција и можат да соработуваат во консолидација на државата, но и не мораат. Можат да одолговлекуваат до кога сакаат. И се чини тоа го прават. Тие бараат неопходни 60 дена од завршувањето на вонредната состојба за организирање на изборите. Но претходно ќе чекаат да се изјасни Здравствената комисија, па потоа да се прашаат и правните експерти. За Мицкоски важно е и мислењето на Венецијанската комисија. Според нивниот план, најпрво ќе чекаат да се изјасни Советот за безбедност кој деновиве треба да заседава, а бараат и став од претседателот Пендаровски.

И тука е нивната игра со правото, Уставот, законите и со грижата за здравјето на граѓаните. На некој начин се остава впечаток дека ја туркаат власта и претседателот на државата во правен ќорсокак и во „злоупотреба“ на позицијата во која се најде државата поради коронакризата.

Вчерашната лидерска средба исто така е одложена за една недела. Но во меѓувреме завршува втората вонредна состојба „дискутабилно“ прогласена од страна на претседателот Пендаровски. Ако се чека на исполнување на сите барања поставени од страна на Мицкоски, Пендаровски ќе треба да прогласува постојано вонредни состојби до недоглед.

Но претседателот веќе најави дека нема намера тоа да го прави на тој начин што ќе се подметнува во името на другите институции. Можеби е за очекување тој, според информациите од Советот за безбедност, да оцени дека нема веќе потреба од вонредна состојба и од 16 мај таа да престане. Такви информаци засега нема од кабинетот на Пендаровски, но можноста останува.

Од друга страна, ако нема вонредна состојба, нема начин како сегашната Влада, оставена сама на себе, да управува. Дури и ако партиските лидери се договорат за датум на одржување на изборите прашање е кој ќе го прогласи тоа.

Очигледно оваа заврзлама ја има предвид ВМРО ДПМНЕ, и не само што гледа сеир, туку и ја потпомага. Нејзиниот лидер и сите правни експерти блиски до партијата од петни жили ја подржуваат одлуката на Талат Џафери дека Собранието не може да заседава. И во таа смисла сличниот став на Уставниот суд. Потоа ги оспоруваат речиси сите уредби на Владата кои ги носеше за време на кризата. Го туркаше претседателот на државата да прогласува вонредни состојби кои потоа ги проблематизираше. Ја критикуваат оваа власт дека е најслаба досега, а велат дека ќе чекаат таа истата да се справи со здравствената и економската криза, па потоа ќе оделе на избори.

Зачудувачки е за една партја да не прави ништо за да ја преземе власта и да ја води државата според план и програма што ја има. Ако ја има!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот