Бројот на загинати во поплавите во Германија се искачи на 20 лица, а приближно 70 лица се водат за исчезнати

EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Бројот на загинати од поплавите што ја погодија западна Германија во средата вечерта се искачи на 20, а по уривањето на неколку куќи во областа Ајфел, бројот на исчезнати се проценува на 50 до 70 лица.

Во сојузните покраини Рајнска област, Пфалц и Северна Рајна, Вестфалија, ситуацијата по силните дождови минатата ноќ, што предизвика излевање на многу реки, сè уште е надвор од контрола.

Пет лица се убиени во регионот Ајфел на крајниот запад на Германија. Тука, откако беа урнати шест куќи во градот Шулд поради излевањето на реката Ахр, меѓу 50 и 70 лица се водат како исчезнати.

Сè уште над 50 луѓе на покривите на своите куќи чекаат да бидат спасени. Спасувачките екипи со хеликоптери тргнаа од Баварија.

Ситуацијата е напната и на Рајна, особено во Кобленц, каде реката Мосел, на чиј слив припаѓаат потечените реки во Ајфел, се влева во Рајна. Во долниот дел на Рајна кон Келн и Дуселдорф, највисокиот водостој се очекува во текот на утрешниот ден и викендот.

Во Келн, во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија, две лица беа пронајдени во поплавените подруми, а во градот Алтени, двајца пожарникари загинаа додека се обидуваа да спасат граѓани од поројот.

Вкупно 20 лица загинаа како резултат на поплавите досега.

Делови од градот Хаген се отсечени од остатокот од светот. Во овој град на работ на областа Рур, припадници на Бундесверот исто така дојдоа да помогнат со оклопни возила. Министерот за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер вели дека се работи за над 3.000 членови.

Блискиот историски град Алтена сè уште е отсечен од светот.

Железничкиот сообраќај преку запад на земјата е колабиран, а властите ги повикуваат граѓаните да не патуваат непотребно. Прекинат е и железничкиот сообраќај кон соседните Белгија и Холандија.

Европската унија понуди помош на Германија и земјите од Бенелукс во погодените области.

„ЕУ е подготвена да помогне“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен преку Твитер.

Владата на сојузната покраина Рајнска област-Пфалц одржа вонредна седница на која беа договорени понатамошни чекори во борбата против катастрофата.

Метеоролошките служби најавуваат понатамошни врнежи за остатокот од денот, но во помали количини од порано.

Рекордни врнежи од дожд се забележани во скоро сите делови на Западна Германија во последните денови.

Германскиот Црвен крст, кој учествува во спасувачките операции во погодените области, рече дека Германија треба да биде подобро подготвена за катастрофи од ваков вид, кои можат да станат почести во иднина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот