Бројот на заболени деца од ковид-19 за неполн месец се зголеми за 6,5 пати

Фото: EPA-EFE/YAHYA ARHAB

Бројот на заболени деца од ковид-19 е во постојан пораст, како што расте и вкупната бројка. Придонес за тоа дава и фактот што по завршување на училишната година и олабавувањето на мерките децата своето слободно време го поминуваат по парковите и меѓу зградите каде се собираат во голем број.

Лекарите велат дека, иако вирусот кај децата дава полесни симптоми, останува опасноста дека тие се најголеми преносители, поради што и советуваат малите деца да не се мешаат во групи со други деца додека пак повозрасните да се учат на здравствена култура и да не се собираат во групи поголеми од 5-6 деца.

Последниот извештај на Институтот за јавно здравје покажува дека кај деца на возраст од 0-9 се регистрирани 349 случаи, а кај оние на возраст од 10-19 години, 357 случаи. Пред помалку од еден месец односно на 20 јуни, кај децата од 0-9 имало само 53 случаи, додека кај возрасната група од 10-19 години 58. Бројките покажуваат дека бројот на заболени деца и млади е зголемен за околу 6,5 пати и тоа за неполн месец.

Д-р Александар Митов вели дека од почеток имаше многу ставови за Ковид-19 на кои се навикнавме и сега ни е тешко да ги смениме.

– Еден од нив е дека болеста е посериозна исклучиво кај повозрасната популација, но ако ги анализираме бројките од нашата земја ќе видиме дека и не е баш така. Затоа, апел до родителите да разговараат со своите деца и дружењето во овој период да биде во согласност со мерките и препораките – вели Митов.

На Институтот за белодробни заболување кај децата „Козле“ во моментов се лекуваат девет деца заболени од ковид-19 и пет мајки. Кај 5 деца вчера имаше лабораториска потврда за присуство на вирусот додека за четири се чекаа резултати. Децата лекарска помош побарале поради покачена температура и кашлица, по што е поставена дијагноза.

– Кај децата клиничката слика е полесна, без потешки компликации. Терапијата која ја користиме во лекувањето е вообичаена што ја даваме согласно симптомите кои ги имаат. Но ова што згрижува е фактот дека тие се најголеми преносители и поради тоа мора повеќе да се внимава. Родителите тука имаат важна улога – вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на институтот „Козле“.

Тој вели дека родителите мора да ги учат децата на здравствена култура, односно да им објаснат зошто треба да избегнуваат групи поголеми од 5-6 деца и задолжително да носат маска.

– Факт е дека децата не може да останат дома, а поради состојбата со вирусот редуцирано е одењето на летување. Препораката е помалите деца оние на возраст до 7-8 години да прошетаат со своите родителите, додека оние повозрасните да се дружат во мали групи и да носат заштитни маски. Мора да се избегнува она што секојдневно го гледаме по парковите и на другите јавни површини, собирање на големи групи соседи, роднини и пријатели – вели Андоновски.

Вкупната бројка на заболени од ковид-19 се искачи над 8.000. Скопје и Тетово се наоѓаат во фаза 4 – широко-распространета трансмисија во заедницата, додека Штип, Ресен, Куманово, Струга, Дебар и Свети Николе се во фаза 3 – локализирана трансмисија. Останатиот дел од Република Северна Македонија е во фаза 2 – спорадични случаи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот