Бројките „плачат“ за непопуларни одлуки
Воведените мерки, како ограничувањата на масовните собири, седењето во кафеани и шетањето во моловите, колку и да им изгледаат „страшни“ на граѓаните, се мачкина кашлица во однос на она што тие треба да го постигнат – да запрат вирусен бран што се заканува да прејде во цунами!
Нашите мерки за спречување на ширењето на вирусот ковид-19, сега веќе е јасно, беа повеќе насочени кон психолошки отколку кон епидемиолошки ефекти. Такви се, за жал, и резултатите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Воведените забрани, пред сè за влез во угостителските објекти, го постигнаа посакуваниот ефект – илјадници граѓани побрзаа да се вакцинираат така што сега бројот на вакцинирани во земјава достигна околу половина милион (а 650.000 со една доза) што е сепак далеку од неопходната бројка за посакуваниот колективен имунитет, ако за такво нешто сè уште постои надеж.
На тој план може да се каже дека мерките беа успешни, иако во меѓувреме се разлабави добро воведениот систем на вакцинација со закажување и имунизацијата се препушти на стихијата, заедно со огромните редици и нервози на пеколните горештини. Потребно е да се врати вакцинацијата со закажување зашто некои луѓе ги одбива самата помисла да чекаат во непрегледна редица, без јасна претстава кога ќе дојдат на ред и со која вакцина ќе се вакцинираат.
Од друга страна, епидемиолошкиот ефект на мерките засега не се забележува. Бројките на новозаболени, хоспитализирани и активни незапирливо галопира, а за жал и бројот на починати, што е посебно болна приказна. (Ние го „држиме“ силното шесто место во светот по бројот на смртни случаи „пер капита“!) Бројот на активни случаи изнесува нешто повеќе од 10.000, од кои повеќе од половината се регистрирани само во последните пет дена! Во тие пет дена починале дури 94 луѓе! Дури 64 проценти од активните случаи се концентрирани во само три града – Скопје, Тетово и Гостивар. Тоа зборува за просторната и временската експлозија на вирусот, што мора да се земе предвид при евентуално модифицирање на мерките. Можеби треба да се воведат построги мерки, ограничени токму на овие жаришта.
Болниците во Тетово и во Гостивар се преоптоварени, исто и во Кичево и во Струга. Пациенти се праќаат во Скопје, каде што, пак, брзо се полнат капацитетите. Прашање е на денови, а не на недели, кога целиот здравствен систем ќе биде фрлен на колена како во шпицевите на претходните три „брана“ на епидемијата.
Гледано низ таа призма, воведените мерки, како ограничувањата на масовните собири, седењето во кафеани и шетањето во моловите, колку и да им изгледаат „страшни“ на граѓаните, се мачкина кашлица во однос на она што тие треба да го постигнат – да запрат вирусен бран што се заканува да прејде во цунами! Народот е раздвижен и покрај бројките, делумната вакцинација дава лажна сигурност, парковите и туристичките центри и натаму се преполни. Ако на тоа се додаде скориот почеток на учебната година, ситуацијата е алармантна. Мора да се делува брзо, а за школската година да се исфрлат од глава сите помисли за учење со физичко присуство – тоа би било рамно на колективно самоубиство – ситуацијата ќе излезе од контрола! Ротирањето по половина одделение со физичка, половина со онлајн настава, е најмногу за што може да се размислува!
За жал, колку и да им е политички деликатно, властите мора да размислуваат за делумен или целосен „локдаун“ пред да биде доцна. Знам дека луѓето се изморени и исцрпени по година и пол од епидемијата, но ова може да биде многу ризичен момент ако ништо не се преземе. Многу земји со многу помали бројки на заразени по глава на жител, како Австралија, Британија, Франција (да не го спомнуваме Нов Зеланд), воведоа строг карантин и полициски час. Австралискиот премиер дури и се закани дека мерките ќе останат во сила сè додека 70 отсто од населението не се вакцинира! Ќе кажете дека овие земји се моќни и богати и дека Македонија не може економски да издржи уште еден карантински удар врз стопанството, но да не испадне како во вицот за Македонецот, да ја платиме цената и во „натура“ и во пари? Во случајов, прво да платиме со бесценети човечки животи, а потоа, кога „заклучувањата“ ќе станат неизбежни, повторно да ги платиме цехот во претрпени економски загуби. Дури и овие мерки што ги имаме сега, особено забраната на свадби, концерти и масовни собири, ќе беа многу поефикасни ако беа воведени пред еден месец, но изгледа повеќе се мислеше на туристичката сезона отколку на здравјето. Е сега, тоа што го „заштедивме“, ќе го платиме со камата.


