„Брод за кукли“ премиерно ќе биде изведена на сцената на НУ Народен театар во Битола

Фотографија: НУ Народен театар – Битола

Нова претстава на сцената на Битолскиот театар е „Брод за кукли“ поставена по текст на Милена Марковиќ и во режија на Кокан Младеновиќ, чија премиерна изведба е најавена за 5 јуни, во 20 часот. Репризата е на 12 јуни, а претставата се препорачува за возраст +16.

Автор на преводот на текстот од српски јазик и драматург на претставата е Билјана Крајчевска, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф – Александра Пециќ – Младeновиќ, композитор – Димитар Андоновски и кореограф е Андреа Кулешевиќ.

Во претставата играат Сандра Грибовска – Илиевска, Викторија Степановска – Јанкуловска, Илина Чоревска, Катерина Аневска – Дранговска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Мартин Мирчевски, Никола Пројчевски, Марјан Георгиевски, Филип Мирчевски, Живко Борисовски, Огнен Дранговски, Петар Горко и Никола Стефанов. Инспициент е Димитар Михајловски. Видеопроекциите се на Владимир Переловски и Филип Ошавков.

– „Брод за кукли“ на Милена Марковиќ е приказна за една или за сите женски судбини, или за сите човечки судбини – како една жена го доживува својот живот како серија на неостварени бајки. Во случките од својот живот ги препознава образецот на бајките, оние вистински бајки коишто нѐ учат дека животот не е ниту малку убав, дека во животот има и вештерки и зли волшебници и опасни чудовишта и дека сешто може да нѐ чека во некои темни соби на крајот на ходникот, на крајот на ова сѐ.

Сите ние сме во позиција да го преиспитаме нашето живеење и малкумина од нас сме задоволни од сопствениот живот. Тие бајки без среќен крај го одбележуваат животот на луѓето на овие простори, тука каде што ние живееме, каде сѐ се случи по распадот на земјата, со распадот на економскиот и политичкиот систем и создаде нервозни, гладни и понижени луѓе кои живеат несреќен живот. Таа потрага по смислата на сопствениот живот во серии на неоствареност е нешто што ја прави величенствена оваа поезија на Милена Марковиќ, како литературно така и како сценско дело – посочува режисерот Кокан Младеновиќ.

Фотографија: НУ Народен театар – Битола

Милена Марковиќ (1974, Белград) е поетеса, драмска авторка, сценаристка, редовна професорка на ФДУ – Белград, со еден збор уметница чиј ангажман ги разорува митовите и стереотипите, ја пресоздава стварноста и егзистенцијалната реалност во моќни и потресни слики.

За нејзината поезија и сценарија има освоено многу награди, а напишала и драми кои со огромен успех се изведуваат на меѓународната и домашната сцена. Добитничка е на специјална награда во Виена за најдобра драма од екс-ју просторите и на три Стериини награди за најдобар текст, меѓу кои „Брод за кукли“ и „Убијци на змејови“, а со романот во стихови „Деца“ ја освои наградата НИН за најдобар роман во 2021 година.

– Драмата „Брод за кукли“ ги извлекува на сцена суштинските проблеми на човекот, неговите стравови и егзистенцијални прашања земени од познат контекст – бајката. Античките трагичари тоа го правеа со митот, а тука бајката е ставена во нов дискурс постепено добивајќи нов идентитет. „Брод за кукли“ во седум заплети и седум различни амбиенти се однесува на седумте инкарнации на хероината и седумте метаморфози на нејзиниот пасивен женски принцип – објаснува драматургот Билјана Крајчевска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот