Европска армија - Извор X, принтскрин

Брисел подготвува план за воен транспорт за „итна реакција“ во случај на војна

Европската комисија, во соработка со националните влади на земјите членки и НАТО алијансата, развива сеопфатен план кој предвидува користење на цивилен транспорт – од товарни возови до фериботи – за брз трансфер на воена опрема и единици во случај на голем вооружен конфликт, првенствено со Русија.

Ова го објави британскиот весник „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со подготовките.

Според изворите, Европската комисија ќе презентира конкретни предлози во ноември за брзо распоредување на војници и опрема низ Европската Унија. Планот вклучува земјите членки да споделуваат транспортни возила меѓусебно, како и создавање единствен регистар на средства што би можеле да се стават во функција за „мобилизација на вооружените сили“. Во исто време, Брисел ја разгледува и можноста за создавање сопствени залихи на камиони и железнички вагони, кои би биле веднаш достапни за употреба во случај на криза.

Оваа иницијатива е дел од поширока рамка за таканаречена воена мобилност – програма што Европската Унија ја спроведува веќе неколку години во соработка со НАТО. Целта е да се усогласат регулативите и да се отстранат административните и техничките бариери што во моментов го попречуваат транспортот на тешко оружје преку границите, како што се различните железнички стандарди, ниските мостови и ограничувањата на тежината на европските патишта.

Брисел се обидува да го забрза овој процес, наведувајќи дека „секоја минута ќе биде клучна во случај на безбедносна криза“. Европската комисија веќе предложи низа промени што би овозможиле побрзо издавање дозволи за транспорт на воени конвои и попрецизно планирање на логистиката во рамките на заедничките мисии.

Иако во официјалните изјави се нагласува дека станува збор за „одбранбени мерки“, во многу европски престолнини расте стравот дека овој пристап претставува чекор кон „воен сојуз“ во рамките на ЕУ, што би подразбирало и поцентрализирано управување со транспортните и логистичките ресурси.

Според аналитичарите, новиот план на Брисел, доколку биде усвоен, би имал пошироки геополитички последици – не само поради можноста за побрз одговор на НАТО во источниот дел од континентот, туку и затоа што логистиката и инфраструктурата сè повеќе се прилагодуваат на сценариото за потенцијален воен конфликт со висок интензитет.

Според планот, Европската комисија треба да презентира детален пакет-мерки во ноември, по што ќе следи координација со земјите членки и националните парламенти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот