Врнежливо време, луѓе со чадори / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Брима галуп: Најголем дел од Македонците не очекуваат никаква промена во личната благосостојба, економијата и глобалната стабилност во новата година

Македонските граѓани влегуваат во 2026 година со изразена воздржаност и поделени ставови во однос на личната благосостојба, економијата и глобалната стабилност, покажува најновото истражување на Меѓународната асоцијација „Галуп“ (Gallup International Association – GIA).

Лични очекувања: Преовладува ставот „исто како досега“

Најголем дел од граѓаните (42,7%) не очекуваат никаква промена во својот живот, сметајќи дека 2026 година ќе биде иста како и претходната. Оптимизмот е застапен кај 28,9% од испитаниците кои веруваат во подобра година, додека 25,8% стравуваат дека 2026-та ќе биде полоша за нив лично. Овие бројки посочуваат на многу тесна разлика помеѓу оние кои се надеваат на напредок и оние кои се песимисти.

Економски просперитет: Песимизмот ја засенува надежта

Кога станува збор за националната економија, ставовите се значително попесимистични: 36,1% од граѓаните очекуваат дека 2026 ќе биде година на економски потешкотии.

Речиси идентичен процент (36,2%) сметаат дека економската состојба ќе остане иста. Само 23,3% веруваат дека земјата ја очекува економски просперитет. Ова укажува на фактот дека повеќе од една третина од населението стравува од економска рецесија или стагнација.

Глобална стабилност: Светот помеѓу немирот и статус-кво состојбата

Во однос на глобалната безбедност и мирот во светот, доминира мислењето дека нема да има големи промени. Дури 42% сметаат дека светот ќе остане ист како и досега.

Сепак, стравот од нови конфликти е присутен, бидејќи 28% очекуваат „понемирна“ година, што е за нијанса повеќе од оние 27% кои се надеваат на помирна глобална ситуација.

Косово лидер во регионот, Бугарија најпесимистична

Соседите од регионот во пресрет на 2026 година покажуваат најголеми контрасти во светот, каде што се судираат екстремен оптимизам и длабок песимизам. Апсолутен лидер по позитивни очекувања меѓу соседите е Косово, каде високи 53% од граѓаните веруваат дека претстојната година ќе биде подобра, со што земјата бележи позитивен нето скор на надеж од +30, што е еден од највисоките резултати на европскиот континент.

Слични позитивни трендови се забележуваат и во Албанија, која традиционално го следи овој блок на оптимистички нации.

Спротивно на нив, останатиот дел од соседството тоне во негативни предвидувања, предводен од Бугарија, која со негативен нето скор од -36 е една од најпесимистичките земји во светот. Дури 51% од бугарските граѓани очекуваат полоша година, додека само 15% се надеваат на напредок.

Слична е состојбата и кај останатите соседи од регионот каде што песимизмот преовладува над надежта. Грција бележи негативен нето скор од -23, при што 45% од испитаниците се подготвуваат за потешка година во споредба со изминатата. Србија и Хрватска исто така се наоѓаат во негативната зона со нето скор од -11 и -9 соодветно. Во Србија, 38% од граѓаните предвидуваат полоша 2026 година, додека во Хрватска тој
процент изнесува 36%. Кај овие земји доминира чувството на несигурност, а најголемиот дел од граѓаните сметаат дека нивните економии ќе се соочат со нови потешкотии.

Овие податоци јасно ги дефинираат соседите од регионот како група на две крајности, каде што јазот помеѓу надежта во Косово и песимизмот во Бугарија и Грција е меѓу најголемите забележани во глобалното истражување “Крајот на годината“.

Истражувањето е спроведено во периодот помеѓу октомври и декември 2025 година, во секоја земја беа интервјуирани вообичаено околу 1.000 испитаници, на возраст над 18 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот