Стојанче Јовановски, фото „Слободен печат“ Драган Митрески
Стојанче Јовановски, фото „Слободен печат“ Драган Митрески

Братот на Ивана: Стојанче ѝ се заканувал на Ивана со пиштол, а кога му го заплениле возилото со дрогата, се „активирал“ да го бара автомобилот од оставинската постапка

Братот на Ивана, Александар Стојановски, во денешното сведочење во судскиот процес каде што Стојанче Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство на Ивана, посочи дека семејството постојано ѝ давало целосна поддршка на Ивана, вратата на домот постојано била отворена за неа и за Катја, достапен бил да ја поддржи сестра си кога била во тешка финансиска состојба поради незаинтересираноста на Стојанче околу домашниот буџет и отплаќањето на кредитот, но и зборуваше за големата контрола, доминација и економска експлоатација што Стојанче ја вршел врз сопругата, големиот страв што таа го чувствувала бидејќи Стојанче ѝ се заканувал дека ќе ја убие со пиштол.

Откако стапила во брак со Стојанче, заедничките пријатели што братот и сестрата ги имале, престанале да се дружат со Ивана, а на почетокот на 2025 година, како што рече тој, почнале големи промени во нејзиното однесување, престанала да им праќа фотографии од Катја на членовите на семејството, односно Стојанче постепено ја вовлекувал во изолација. Според нејзиниот брат, не е точно дека Ивана доброволно се враќала во станот да живее со Стојанче.

-После сите уцени што Ивана ми ги кажа во делот со парите и заканите кон неа, но и колку е исплашена за Катја, особено кога беше во болница каде цело време ја бараше Катја,  јас не мислам дека сестра ми доброволно се вратила да живее со Стојанче – рече Александар Стојановски на денешното рочиште во Кривичниот суд.

Тој првпат дознал за магнитудата на проблемите со зетот, летото 2025 година, кога Стојанче Јовановски ги истепал и ги исфрлил сопругата и ќерката на автопатот кај Штип, ги оставил крај банкина и си заминал за Скопје сам.

-Кога се случи тоа на автопатот во Штип, летото 2025 година, дента се враќав од одмор и наредниот ден дознав. Веднаш потоа сестра ми се врати кај мајка ми и татко ми заедно со Катја. Тогаш почна да ги кажува работите што се случувале во тој период. Тогаш е првиот момент каде сестра ми се отвори и ми се довери дека има сериозни проблеми и дека има потреба од помош за да ги решиме. Во тој момент татко ми ангажираше адвокат за да почне бракоразводна постапка и Ивана и Катја да бидат кај нас, поточно кај мајка ми и татко ми дома. Ивана ми се довери во тој момент за неколку проблеми. Првиот проблем е за нејзиниот стан. Дека таа се сомнева дека обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност на нотар е префрлен станот на негово име. Ова го знае и самиот адвокат што беше ангажиран од мојот татко за да ја спроведе постапката. Ивана кажа дека има доказ за такво нешто, дека е во нејзиниот телефон и дека ќе му го префрли на адвокатот. Но тоа не се случи. Исто така Ивана кажа дека има дополнителни докази за некои активности на обвинетиот, се плаши од тоа и дека се во нејзиниот телефон. Зборувавме да ги извади на надворешно УСБ и да ми го даде мене и на адвокатот зашто во тој момент сериозно се загриживме за неа – рече Стојановски.

Во периодот додека траел разводот, иако Ивана не му забранувала на Стојанче да го земе детето, сепак секогаш се тресела дали ќе го врати и дали нешто може да ѝ се случи на Катја кога таа била со Стојанче. Кога Стојанче бил запрен со неговиот автомобил во кој била пронајдена дрога, во декември 2025 година, Ивана на изненадување на своето семејство, решила да се врати во станот и да продолжи да живее со Стојанче. Тогаш, тврди нејзиниот брат, ги избришала сите на Фејсбук, а почнала со своето семејство да се гледа со физичко присуство, зашто како што велела – Стојанче ја следел и ѝ го проверувал телефонот.

-Во делот на Ивана колку беше исплашена, беше моментот пред Нова година кога Катја беше со мене и мојата девојка на викенд. Ивана, кога дојде да ја земе Катја во недела, ни покажа пораки како Стојанче ѝ се заканувал за некои 5-6 илјади денари што му фалеле. Таа беше решена да оди во полициска станица да го пријави за закани. Ивана не дојде вечерта, рече дека ќе остане во станица да ги даде изјавите, а јас наредниот ден ја однесов Катја во училиште. Неколку дена потоа се случи тоа обвинетиот да биде фатен со дрога. Тогаш Ивана на наше зачудување реши да се врати кај него. Не можевме да го разбереме во тој момент тоа – рече Стојановски.

Стојановски сведочеше дека Ивана ги плаќала сите сметки, сите трошоци, станбениот кредит што ѝ бил земен за тој стан.

Во неколку наврати сестра ми се обрати до мене да ѝ позајмам пари зашто не можела да ги доисплати, се плашеше дека ќе ѝ ја блокираат сметката. Во еден момент ми побара 5-6 илјади денари. Веднаш ѝ ги префрлив за да не ѝ ја блокираат сметката и да продолжи со кредитот. На крајот на декември сестра ми ми се обрати да ѝ позајмам 1.400 евра поради тоа што ѝ биле потребни за плаќање на некој извршител или казна што стигнала до неа. Ѝ реков дека нема никаков проблем, но сакав да бидам сигурен дека средствата ќе бидат потрошени за тоа, зашто немавме веќе доверба ни јас ни семејството дека тие пари ќе бидат искористени за тоа, а не дека е уценета или дека Стојанче ѝ бара пари. Откако ѝ ги дадов средствата на Ивана, две до три недели континуирано ја прашував што се случува и дали го уплатила тоа за да бидам сигурен,  зашто најмногу страв ни беше мене и мајка ми, дека во тој момент тие средства би можеле да се искористат за адвокат за Стојанче во случајот каде беше фатен со дрога. До последно не добив потврда или налог дека средствата се уплатени и во неколку моменти ги побарав парите назад за јас да ги уплатам и мене да ми го пратат налогот. Во тој момент Ивана беше дополнително исплашена во болница. Уште од првиот ден лично притискавме од аспект поради тоа што сум со средно медицинско, се сомневавме дека болката што ја има Ивана во стомакот, која траеше од Нова година до Василица, можеби е од тепање. Форсиравме да се направи испитување, да се види конкретно што е проблемот, дали е од удар, рече Стојановски.

Ивана им се доверила дома на мајка си и на својот брат,  дека ѝ е страв од Стојанче, дека кај него има пиштол, ѝ се заканувал и неа и на Катја со станот.

Како брат осетив потреба да го продолжам тоа со адвокатот што го почна татко ми. Повторно се активираше разводот, а Катја и Ивана останаа во станот на мајка ми. Ивана неколку пати ни кажа дека ѝ се заканувал со станот дека ќе ја избрка, а Катја ќе ѝ ја земел, така се заканувал. Побарал 30 илјади евра за да го исплати, да ѝ го даде станот и да си оди. Сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив и реков дека тоа можеме полека да го решиме, но мораме да бидеме сигурни дека нема да биде таа измамена, парите само да ѝ се земат и ништо да не се случи понатаму, тврди тој.

Во моментот кога Стојанче почнал да остварува повеќе средби со Катја, го користел детето да влијае кај Ивана.

 Катја кажуваше „вие многу сакате сè да знаете“ и почна да ѝ зборува на мојата сестра „зошто ти не сакаш да се смириш со мојот татко?“, сведочеше братот на Ивана.

Кога почнала оставинската постапка по смртта на таткото на Ивана, Стојанче Јовановски повторно се „активирал“. Александар Стојановски рече дека кога ѝ пишувал пораки на Ивана за да се продолжи со оставинската постапка во која таа требало да добие еднаков дел, се сомнева оти од другата страна на телефонот, контролата ја имал Стојанче.

-За првпат напишав порака до неа во која беше вклучен Стојанче. поради тоа што во порака стоеше дека „и колата треба да ја земе Ивана или да ја поделиме“ и дека многу им треба. Тогаш сфатив дека пишувам со некој друг, а не со сестра ми. Напишав, во ред, само да завршиме со процесот, ама возилото никогаш нема да го вози Стојанче. Премногу сомнително ми дојде ова, бидејќи до Нова година, кога го приведоа за дрога и кога му го конфискуваа возилото, никогаш возилото на татко ми не беше предмет на никаква дискусија или потреба „на мојата сестра“. Мојата внука секогаш ја возеше или со такси или со тротинет, а во неколку случаи сум ја возел и јас кога требаше да ја земам, а тоа беше случајот кога ја земав за Василица и морав итно да ја вратам дома зашто Ивана беше исплашена да не се врати Стојанче дома и да види дека ги нема. Истиот ден, можеби не поминаа ни 30 минути, првпат мене ми се јави Стојанче и почна да ми се дере. Почна да се заканува по мене сестра ми и мајка ми и дека ќе ни го запали нашиот имот. Не одговорив на провокациите. Имав голем страв и за Ивана и за мајка ми и за мене. Се обидов да му кажам дека не разговарам со мојата сестра за да не направи нешто од кое сите се плашевме, дека може да ја повреди. Реков, ако имаш било што јави ми се, во било кој момент. Оттогаш се намали комуникацијата со мојата сестра на социјални мрежи, но физички комунициравме. Ја прекинавме оставинската постапка зашто сфативме дека со нејзиниот дел што ќе ѝ припадне може да располага некој друг. Вратата на станот каде што живеат мајка ми и татко ми во секој момент беше отворена за неа и за останатите деца ако имаме проблем да се вратиме дома, рече Стојановски.

Прашан дали ги пријавил заканите од Стојанче дека ќе го запали имотот, Јовановски истакна дека не пријавил.

-Ивана едвај чекаше да заврши процесот со дрогата, претпоставувавме дека ќе добие казна и дека сестра ми ќе биде послободна и пробавме да не дојде до дополнително насилство – рече тој.

Стојанче почна да плаче во судницата кога наставничката на Катја раскажуваше за детето

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот