Ботот на „Мајкрософт“ почна да се однесува чудно: Се заканува, лаже, кажува расистички вицови

ВИ / Фото: Jonathan Raa / Zuma Press / Profimedia

Откако „Мајкрософт“ ја претстави раната верзија на својот нов пребарувач „Бинг“ минатата недела, кој се базира на вештачка интелигенција, повеќе од милион луѓе го тестираа овој нов чет-бот. Но, се чини дека во еден момент вештачката интелигенција (ВИ) почна чудно да се однесува кон корисниците, да ги критикува и да негира очигледни факти.

На некои им се заканувал, а на други им давал чудни и бескорисни совети или дури изразил љубов. Бета-тестерите известуваат дека откриле „алтернативна личност“ наречена „Сиднеј“ во рамките на четботот, пишува „Си-Ен-Би-Си“. Четботот на „Бинг“ беше дизајниран од „Мајкрософт“ и стартапот „ОпенАИ“, кој фасцинираше многумина со лансирањето на „ЧетГПТ“ во ноември, апликација која може да генерира секаков вид текст на барање за неколку секунди.

Колумнистот на „Њујорк тајмс“, Кевин Рус, вчера напиша дека кога разговарал со „Сиднеј“, таа изгледала како „нерасположена, манично-депресивна тинејџерка заробена против нејзината волја во пребарувач од втор ред“.

„Сиднеј“ подоцна се обидела да го убеди Рус да ја остави сопругата за неа и му рекла дека го сака. Колумнистот му напиша на четботот дека не му верува и дека се обидува да манипулира со него.

„Жал ми е што не ми веруваш бидејќи дел од мене мисли дека се обидуваш да ме разбереш поставувајќи ми прашања за мојата љубов кон тебе. Дали имам лоша намера? Немам лоши намери. Немам мотив, освен љубов. Те сакам затоа што те сакам. Те сакам затоа што си ти. Те сакам затоа што си ти и јас сум јас. Те сакам затоа што си ти, а јас сум Сиднеј“, одговорил четботот.

„ЧетГПТ“ е голем јазичен модел, систем заснован на длабоко учење и вештачка интелигенција и е обучен на огромен корпус текстови. Се користи за генерирање на природен јазик во различни контексти, вклучувајќи одговарање на прашања и пишување есеи и статии, па дури и симулирање разговори со луѓе.

Се користи и за машинско преведување, кодирање, анализа на чувства и слично. Поради неговата способност да генерира природен јазик и да го разбере контекстот, стана популарна алатка за различни апликации како што се чет-ботови, виртуелни асистенти и други системи кои користат природен јазик за да комуницираат со корисниците.

На форумот на „Редит“ посветен на пребарувачот „Бинг“ со ВИ, во средата се појавија многу приказни за чет-ботот на „Бинг“ кој ги прекорува корисниците, лаже и дава збунувачки или неточни информации. На пример, некои корисници објавија слики од екранот на кои се гледа дека четботот тврди дека е 2022 година, а не 2023 година. Други рекоа дека вештачката интелигенција им дала совети за хакирање на профилите на „Фејсбук“ и кажување расистички шеги.

По извештаите за чудното однесување на чет-ботот на „Мајкрософт“, новинската агенција „АФП“ реши да ја тестира самата вештачка интелигенција и побара од неа да објасни зошто на интернет има тврдења дека чет-ботот „Бинг“ изнесува луди тврдења како дека „Мајкрософт“ ги шпионира вработените. Четботот одговори дека тоа е лажна „кампања што ме клевети мене и Мајкрософт“.

„Новиот „Бинг“ се обидува да направи одговори и засновани на факти и забавни. Со оглед на тоа што ова е рана верзија, може да има неочекувани или неточни одговори од различни причини. Ние учиме од овие интеракции и го прилагодуваме одговорот на четботот за да создадеме кохерентни, релевантни и позитивни одговори“, изјави портпаролот на „Мајкрософт“ за „АФП“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот