Бојку: Дерби-натпреварите секогаш се непредвидливи
По паузата од малку повеќе од два месеци, се враќа македонскиот првенствен фудбал на сцена, а пролетната полусезона во Првата лига започнува со големо дерби во Тетово меѓу Шкендија и Струга Трим Лум.
Препорачано
Дерби натпреварите секогаш се непредвидливи, а така се очекува да биде и на дуелот во вторник од 14.00 часот против Шкендија, вели играчот за врска на Струга Трим Лум, Бесмир Бојку.
– Верувам дека имавме квалитетни подготовки во Анталија. Имавме одлични услови, одигравме неколку натпревари против многу силни противници и мислам дека сме подготвени за пролетниот дел од сезоната – вели Бојку.
Пресметката со Шкендија треба да покаже колку стружани се подготвени да се впуштат во трката за титулата:
– Нѐ очекува дерби натпревар, играме против еден од најдобрите тимови во земјата. Ги знаеме квалитетите на Шкендија, но верувам дека ние, како Струга Трим Лум, сме подготвени да дадеме сè од себе за да оствариме успех на овој натпревар. Дерби натпреварите секогаш се непредвидливи, може да одлучи еден момент за време на натпреварот. Ние одиме во Тетово без психолошки притисок, ќе играме свој фудбал, а на крајот нека победи најдобриот – се зборовите на Бојку.
Струга Трим Лум е второпласирана на табелата со 41 бод, еден помалку од лидерот Вардар, додека Шкендија се наоѓа на третата позиција со 36 бода.


