Фото: EPA / Ian Langsdon

Блумберг: Макрон собира сојузници против Трамп

Францускиот претседател Емануел Макрон ги повика таканаречените „средни сили“ да се обединат и да се соочат со САД и Кина, објави „Блумберг“.

Макрон оваа порака силно ја нагласи за време на неговата посета на Азија неделава, каде што разговараше за безбедноста на пловидбата низ Ормускиот Теснец и зајакнувањето на соработката со Јужна Кореја и Јапонија, земји кои силно ги чувствуваат последиците од зголемувањето на цените на енергијата додека војната во Иран го држи теснецот затворен.

Не сакаме да бидеме вазали

Фрнцускиот претседател Макрон при неговата посета на Сеул истакна дека неговата цел не е да се биде вазали на две хегемонистички сили.

„Не сакаме да зависиме од доминацијата на Кина, ниту пак сакаме да бидеме премногу изложени на непредвидливоста на Соединетите Американски Држави“, изјави Макрон.

Тој додаде дека европските земји делат заеднички интереси со земји како Јапонија и Јужна Кореја по прашања од меѓународното право, демократијата, климатските промени и глобалното здравје.

Макрон, исто така, наведе и други држави што ги гледа како дел од таков сојуз меѓу кои и Австралија, Бразил, Канада но и Индија. Според францускиот претседател оваа група заедно би можела да соработува во областите на вештачката интелигенција, вселената, енергијата, нуклеарната енергија, одбраната и безбедноста буквално во сè.

Стара идеја во нови околности

Макрон, кој ја предводи нуклеарна сила во Европската Унија и нејзината најсилна одбранбена индустрија, долго време се залага за идејата дека Европа треба да биде противтежа на САД и Кина.

За време на неговата посета на Кина во 2023 година, тој ги налути сојузниците кога рече дека Европската Унија не треба да биде „вазал“ на Соединетите Американски Држави. Макрон, исто така на неколку пати досега, предупредуваше на опасноста Европа да биде вовлечена во конфликт околу Тајван, во време кога Кина спроведуваше воени вежби околу самоуправуваниот остров.

Во последниве години, во традицијата на политиката утврдена од Шарл де Гол, Макрон се обиде да пронајде среден пат меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, предупредувајќи на опасноста од поделба во глобалниот поредок.

Критика кон САД и воената политика

Но, во околности кога САД ги заобиколуваат меѓународните институции, француската позиција добива ново значење, според Блумберг. Како што наведува медиумот Макрон дополнително ќе ја нагласи таа порака во јуни кога ќе биде домаќин на самитот на Г7 во Франција.

Неговите изјави доаѓаат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп повторно ги напаѓа НАТО и сојузниците, особено Франција и Јужна Кореја, обвинувајќи ги дека не му помагаат доволно во војната против Иран.

Од друга страна францускиот претседател Макрон постојано нагласуваше дека Франција не била консултирана за војната и поради тоа не сака да  учествува во неа.

Пандорината кутија се отвора на Блискиот Исток

Соединетите Американски Држави се голема земја истакна францускиот претседател Макрон, но во исто време и предупреди дека нивниот пристап носи ризик од отворање на „Пандорината кутија“на Блискиот Исток.

„Не верувам дека ќе ја решиме ситуацијата само со бомбардирање или воени операции, рече тој, осврнувајќи се на Иран.

Макрон како не успешни примери на водење војни ги наведе Ирак, Сирија и Авганистан.

Предлог за Ормускиот Теснец

Францускиот претседател при својата посета во Јужна Кореја повика на воспоставување механизам за деескалација со Иран и предложи организирање мисија за придружба на бродови низ Ормускиот Теснец по прекинот на бомбардирањето.

Конфликтот на Блискиот Исток речиси го запре комерцијалниот сообраќај низ тој теснец, низ кој нормално минуваше околу една петтина од светскиот извоз на нафта и течен природен гас, пишува Блумберг.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот