Бизнисменот Зоран Кондратенко е новиот кум, а пејачот Јаков Дренковски здравичар за Бадник 2026
Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“ денеска во просториите на Општина Центар ги претстави кумот и здравичарот за претстојната Бадникова вечер во 2026 година, а водечките бадникарски функции ги прифатија бизнисменот Зоран Кондратенко како кум и пејачот Јаков Дренковски како здравичар.
Препорачано

„Сакам да ги поздравам сите бадникари, градоначалникот на Општина Центар, стариот кум и членовите од организацијата одговорна за овој настан. Интересно е што формирањето на мојата компанија е поврзано и е во иста година со почетокот на Здравичарските организирања. Огромна благодарност до здружението „Бадник“ за укажаната чест. Јас ја следам оваа манифестација уште од самиот почеток, да се биде кум за мене и моето семејстов е огромна чест“, изјави новиот кум Кондратенко.
Тој додаде дека веќе разговарал со поранешните кумови кои му дале многу совети и насоки во насока на обврските кои ги има како кум.

„Благодарам на поддршката и советите од моите претходници, се надевам дека успешно ќе ја извршам функцијата кум на Бадниковиот оган“.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски им упати честитки на Кондратенко и Дренковски како нови кум и здравичар, посочувајќи дека станува збор за убава традиција стара повеќе од три децении.

„Последните четири години, достоинствено и во духот на вера, надеж и љубов го прославивме Бадник. 33 години е сериозна бројка и не е лесно толку години успешно да го организирате овој важен настан. Сакам да ги поздравам старите кумови и мило ми е што оваа убава традицијата продолжува“, рече Герасимовски.
Кумот и здравичарот ги поканија сите скопјани в недела, на 21 декември напладне, во месноста Краста, на јужните падини на Водно, да им се придружат и да засечат бадникарски гранчиња за успешен почеток на новата година.

Исечените гранчиња ќе им бидат поделени на верниците на 6 јануари на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
На свечениот настан на 6 јануари, кумот Кондратенко ќе го понесе ќупот за Бадник 2026, додека здравичарот Дренковски ќе ја изговори здравицата на платото пред Храмот.


