Бившиот директор на Шутка, Сокол, осуден на затворска казна
Поранешниот директор на истражниот затвор Шутка, Филип Андов – Сокол, осуден е на затворска казна од осум месеци за злоупотреба на службената положба, односно дека заедно со уште шестмина затворски чувари пуштале затвореници од висок безбедносен ризик слободно да шетаат.
Препорачано
Кривичниот суд вчера ја донел пресудата и ги прогласила сите за виновни, но освен Сокол останатите се осудени на условни казни, двајца исто така за злоупотреба на службената положба, а четворица за несовесно работење во службата.
-Обвинетиот П.А. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 6 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело. Обвинетиот Ѓ.Р. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело. Обвинетиот С.П. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело. Обвинетиот Т.Н. за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл. 353 ст.1 вв со чл. 45 и чл. 22 од КЗ и кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ, му утврдува единствена казна, односно алтернативна мерка – Условна осуда од 8 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 3 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело. Обвинетиот Е.О. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 вв со чл. 45 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 6 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 2 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело и обвинетиот К.В. за кривичното дело Несовесно работење во службата од чл. 353 – в ст.1 од КЗ му изрече алтернативна мерка – Условна осуда од 3 месеци затвор кои нема да се реализираат доколку во следните 1 години од правосилната пресуда не стори ново кривично дело – соопшти Кривичниот суд.
Пресудата е неправосилна и осудените имаат право на жалба пред повисокиот, Апелационен суд.
ФОТОГАЛЕРИЈА | Поранешниот директор на „Шутка“, Филип Андов – Сокол, седна на обвинителна клупа
Андов беше уапсен на крајот на февруари откако по смената на власта, на чело на Управата за извршување на санкции беше именуван Александар Пандов кој спроведе акција во затворите и утврди злоупотреби во раководењето со затворските установи.
Филип Андов – Сокол беше директор на затворот Скопје од 2020 до јули 2024 година, кога беше разрешен на владина седница. На местото на Андов, за нов директор беше назначен Бобан Утковски.
– Осомничените во период од март до јули 2024, со умисла извршиле повеќе временски поврзани дејствија, при вршење на нивните овластувања, при што на петмина осуденици им овозможиле погодности што согласно судските одлуки не им следувале. Тие дозволиле осудените да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби спротивно на постапката за спроведување на лица лишени од слобода вон установа – соопшти Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција откако го поднесоа обвинението.
Андов пак неодамна беше избран во новиот состав на Извршниот одбор на СДСМ.


